Дописници МКДОпштински вести

Пречистителната станица за отпадни води во Кочани почна со производство на органско ѓубриво

Комуналното претпријатие „Вододовод“ од Кочани во пречистителната станица за отпадни води ги произведе првите количини органско ѓубриво, добиено со мешање со филтрираните и наталожени цврсти материи и оризовата слама.

Кочани, 7 април 2020 (МИА) – Комуналното претпријатие „Вододовод“ од Кочани во пречистителната станица за отпадни води ги произведе првите количини органско ѓубриво, добиено со мешање со филтрираните и наталожени цврсти материи и оризовата слама.

Дневно се произведуваат по околу 20 кубни метри компост, од кои околу две третини отпаѓаат на сламата. Во моментот трае тест периодот во кој се испитува хемискиот состав и количините на хранливи состојки во ѓубривото, по што тоа ќе може да се применува на земјоделските површини.

-Компостирањето се изведува во две фази, од кои едната е интензивна и трае две недели, а втората е прогресивна и за неа се потребни околу 45 дена. Во процесот се користат посебни полимери за згуснување на отпадните материии, по што во посебна комора се загреваат и сушат на температура од 37 степени и се добива природен метан. Дневно се добиваат околу седум кубни метри отпадна мил, кои се мешаат со петнаесетина метри кубни оризова слама и по ферментирањето се добива хранлива супстанца што може да се користи во земјоделството, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Според важечките законски прописи комуналното јавно претпријатие не може да го продава ѓубривото, па во оваа фаза тоа бесплатно ќе им биде распределено на земјоделците кои помогнале во прибирањето на потребните количини оризова слама.

Производството на органско ѓубриво во „Водовод“ е дел од проектот за изградба и функционирање на пречистителната станица за отпадни води, што финансиски го помогна Владата на Швајцарија. Како компонента на проектот е зачувувањето на животната средина и спречување на палењето сламата и остатоците по жетвата на оризот во кочанскиот регион. та/мд/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close