0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДТема

Правно невидливите во битка за права

Дваесет и осумгодишната Фадиље Красниќи, жителка на кумановската населба Средорек, правно не постои, нема ниту извод, ниту државјанство, здравствена книшка.Зад решетките од нејзината скромна куќа го покажува вакциналниот картон кој е нејзин единствен документ, воопшто издаден од некоја институција. Родена во Тетово, Красниќи живее во вонбрачна заедница со сопругот и четирите деца на работ на егзистенцијата.

Куманово, 12 декември 2020 (МИА) – Дваесет и осумгодишната Фадиље Красниќи, жителка на кумановската населба Средорек, правно не постои, нема ниту извод, ниту државјанство, здравствена книшка. Зад решетките од нејзината скромна куќа го покажува вакциналниот картон кој е нејзин единствен документ, воопшто издаден од некоја институција. Родена во Тетово, Красниќи живее во вонбрачна заедница со сопругот и четирите деца на работ на егзистенцијата.

– Мачно е и тешко. Ниту јас, ниту децата имаме документи. Ако во оваа состојба се разболеме од вирусот, колку ќе треба да платам за лекување, треба сè приватно да се плати, а живееме од ниската социјална помош која ја користи сопругот, бидејќи не сме венчани. И претходно кога се разболуваа децата или јас плаќавме сè приватно, вели Красниќи.

Красниќи е родена во семејство кое потекнува од Косово. Таа и нејзините сестри немале никакви документи додека растеле. Сега сите освен, неа почнале со процедура да стекнат посебна идентификација. Красниќи се надева дека наскоро ќе им се придружи и ќе го добие потребниот документ со кој ќе стекне одредени права и таа и нејзините деца.

Законот за неевидентирани лица во матична книга на родените, донесен во средината на февруари годинава (Службен весник на РСМ број 42, 16 февруари 2020) им овоможува на лицата кои пополниле прашалници и се пријавиле на јавниот повик да се евидентираат во посебна матична книга на родени, заради добивање извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа заради остварување право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон, до дополнителен упис во матична книга на родените и добивање прв извод од матичната книга на родени, согласно со закон.

Во Куманово во текот на 2018 и 2019-та година пополнети се прашалници за 93 лица на кои не им е регистрирано раѓањето во Република Северна Македонија, соопштуваат од Управата за водење матични книги.

 

– Согласно Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените, секое лице на кое му е пополнет прашалник може да поднесе барање за дополнителен упис во посебната матична книга на родените и откако Управата за водење на матичните книги ќе донесе решение за дополнителен упис во посебната матична книга на родените на лицето му се издава Извод од посебна матична книга на родените, наведуваат оттаму.

Сепак не станува збор за вистински извод, туку посебен документ, наведено е во Законот, а потврдуваат и од Управата од каде велат дека со овој закон на лицата не им се дава државјанство, туку само се регистрираат во посебна матична книга со тоа што во меѓувреме треба да си ги средат документите за да може да им се изврши упис во редовната матична книга и ако има услови да добијат македонско државјанство.

Александра Ефремова, правник за бездржавјанство од Македонското здружение на млади правници појаснува дека лицата додека не се запишат во матичната книга на родени и заедно со изводот, не им биде утврдено државјанството се, во ризик од бездржавјанство, но дека е донесен да им овозможи и пристап до правата додека трае долгата постапка за дополнителн упис во матичната книга на родени.

– Со самиот упис во посебната матична книга на родени тие нема да добијат државјанство, туку со тој посебен извод ќе добијат пристап до право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување, сè додека трае постапката за дополнителен упис и добивање прв извод од Матична книга на родени. Овој закон, иако во голема мера ќе им ја олесни барем малку ситуацијата во која се наоѓаат овие лица, не нуди системско решени на проблемот, ниту пак превенира во иднина да се појават нови случаи на лица кои не се запишани во матичната книга на родени, вели Ефремова.

Неколку улички погоре во Средорек живее 51-годишната Ивана Марковиќ која потекнува од Гњилане и неодамна, како што вели по исцрпувачка финансиска, животна битка со поддршка на невладините организации, добила српски документи.

– Можам да кажам дека некако се живееше кога имав статус на бегалец, помош имавме од УНХЦР. Бевме како ветрушки кои ветерот ги носи, без документи. Сега, борбата ќе ја водам за двајцата синови, вели Марковиќ.

И од граѓанската организација ДРОМ од Куманово кои беа вклучени како поддршка на институциите потврдуваат дека процесот на стекнување какви било документи е долг и неретко се чини недостижен.Тие во својата база регистрираат 58 лица без државјанство.

– Меѓу нив и семејство кое по десет години се вратија од Германија, немаа никакви документи, а таму им се родиле две деца. Успеавме да обезбедиме средства за тестови за ДНК за да се докаже дека децата се нивни и по долги и макотрпни комуникации и барања до институциите, успеавме да извадиме изводи на децата и потребни документи на родителите и да ги внесеме во Агенцијата за вработување со што подоцна остварија право на постојана парична помош и сега живеат под кирија во градот- вели Мирослав Ристовски од ДРОМ.

Во Куманово според податоците на Управата за водење на матични книги од 1 октомври досега се поднесени барања за 30 лица за дополнителен упис во посебната матична книга на родените и за нив, нагласуваат издаден е извод од посебната матична книга на родените.

Од МВР појаснуваат дека е подготвен правилник за формата, содржината и начинот на издавање на идентификационата исправа и за формата и содржината на барањето за издавање на идентификационата исправа на лице, запишано во посебната матична книга на родени.

– Во член 10 од овој закон МВР изготви Идентификациона исправа и за таа цел беше изготвен подзаконски пропис во кој е пропишана формата, содржината и начинот на издавање на идентификационата исправа на лицата запишани во посебната матична книга на родени. Во одредени градови започна поднесување  вакви барања, исто така неколку барања се доставени и во ОУР Куманово, но тоа е незначителна бројка со која се отпочнува постапката за издавање на Идентификациона исправа која не е во биометриска форма со цел остварување на одредени права, нагласуваат од МВР.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека согласно Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, сите лица регистрирани во посебниот регистар ќе треба да поднесат барање до управата, за да им се издаде привремен извод од матична книга на родени. Со тој извод, додаваат од МТСП ќе поднесат барање во МВР за да им се издаде небиометриска привремена лична карта со која ќе можат да ги остварат следниве четири права: право на социјална заштита, право на здравствена заштита, на вработување, на образование.

– Во моментот се координираат активностите лицата да поднесат барање во Управата за добивање на привремен извод, велат од ова Министерство.

Од Македонското здружение на млади правници велат дека се залагаат за системско решавање на проблемот, посочувајќи примери од државите од регионот.

-Од самото наше ангажирање во оваа област, од 2011 година кога започнавме да го имплементираме проектот Превенција и намалување на бездржавјанството во партнерство со УНХЦР Скопје, се залагаме за системско решавање на проблемот. Сметаме дека истото може да опфати или измена на постоечкиот закон за матична евиденција, со кој закон ќе се дефинира постапката за дополнителен упис во МКР и проблемот ќе се решава во брза и ефикасна управна постапка, достапна за сите категории лица или по примерот на Србија, проблемот ќе се решава во вонпарнична судска постапка, а матичната служба ќе треба само да го спроведе уписот по донесеното судско решение, односно пресуда. Во Босна и Херцеговина и Косово, ваквите случаи се решаваат во управна постапка и морам да споменам дека и Босна и Херцеговина, како и Србија значително го намалија бројот на лицата со ваков проблем, вели Ефремова.

И додека се координираат институциите и се подготвуваат правилниците за пристап до правата кои произлегуваат од овој закон, лицата без државјанство сè уште ќе живеат на маргините на општеството, сметајќи дека основните човекови права се луксуз.

Александра Максимовска

Таг
Back to top button
Close
Close