0_Web_Актуелно0_Web_Избор на уредникот0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Пратениците со едногласна одлука и пораки за важноста на членството на државата во НАТО

На свечената собраниска седница по повод Ратификацијата на протоколот за НАТО се обратија и координаторите на пратеничките групи на СДСМ Јован Митрески и на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески. 

Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – На свечената собраниска седница по повод изгласувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор се обратија и координаторите на пратеничките групи на СДСМ Јован Митрески и на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески кои упатија пораки за значењето на овој ден и членството на државата во НАТО.

– Денес пишуваме историја, и сме учесници во историскиот момент за нашата држава, момент кој ја дефинира нашата иднина, и го трасира патот на стабилност, на развој и на просперитет, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески. Изрази благодарност до сите кои дале свој придонес во остварувањето на нашата цел членството во НАТО.

-Во мое име и во име на сите пратеници од пратеничката група искажувам огромно задоволство и чест што сме дел од овој парламентарен состав, дел од парламентарното мнозинство кое даде значаен придонес за оваа историска одлука, рече Митрески.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, истакна дека преку позитивни и реформски политики и на надворешен и на домашен план, од заробена држава станавме позитивен пример на Балканот, пример како се развиваат и негуваат добрососедски односи, како се решаваат повеќедецениски спорови само ако се има добра волја, чесна мисла и визија за иднината.

-Нашата стабилност, нашата безбедност веќе никогаш нема да биде доведена во прашање. Иднината на нашата држава е загарaнтирана, рече Митрески.

Тој посочи на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој, како што кажа, со неговата лидерска визија и храброст успеал да се справи со проблемот кој ја мачеше нашата држава со децении наназад и поради кое со години бевме блокирани на нашиот евроатлански пат.

-Со целосно заштитување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик дојде до компромисниот Договор од Преспа, со кој се затвори најгорливото прашање со нашиот јужен сосед, рече Митрески.

И честита на опозицијата дека конечно прифаќа да станеме членка на НАТО под новото уставно име Република Северна Македонија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била за влез на Република Македонија во НАТО. Потсети дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше иницијатор на предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО на Македонија.

– -Полноправното членство во НАТО е остварување на една од стратешките цели на Македонија. Безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата секогаш биле приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и како одговорна партија која што прва си ја поставила оваа стратешка цел имаме одговорност пред граѓаните да ја исполниме, иако денес тоа го правиме во услови на некоја друга реалност.

Првата Декларација за влез на државата во НАТО Алијансата е поднесена далечната 1993 година токму од ВМРО-ДПМНЕ, потсети тој, и е изгласана со консензус од сите политички партии во Собранието во тој период.

Посочувајќи на причините за иницирање на предремената ратификација на протоколот за членство во НАТО, Мицевски рече дека Македонија одамна го има заслужено членството во во НАТО уште во 2008 година, кога бевме блокирани и не добивме покана за членство, а оваа стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е дел и од Статутот на партијата каде што во членот 8, во Цели и Задачи стои дека партијата ќе се залага за вклучување на државата во Европската Унија и во НАТО.

-Втората причина зошто ВМРО-ДПМНЕ иницираше предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО е за да се избегнат какви било изговори од страна на владејачкото мнозинство за одложување на веќе закажаните и договорени предвремени избори на 12 Април оваа година. ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да го загрози политичкиот договор за предвремени избори на 12 април со тоа што на некому ќе му даде изговор дека протоколот за членство во НАТО не е усвоен, рече Митрески.

Почитувани присутни, потенцира тој, ние сме политичка партија која што ги следи принципите на легалност и реалност која што може да ја критикуваме и имаме право да ја оспоруваме, но во никој случај немаме намера како партија да ја загрозиме суштинската определба и заслуженото членство во НАТО кое што земјава го чека полни 12 години.

-Затоа, членството во НАТО е уште една можност повеќе за државата да се слушне во Северноатланската Алијанса, за Македонија да се проговори во Северноатланската Алијанса и на лице место со самите сојузници во НАТО, ние на увид да го претставиме и да го покажеме нашиот придонес кој што земјава до сега го давала во мисиите во НАТО и кога не била земја членка и од моментот кога формално правно ќе станеме земја членка на Алијансата, рече Мицевски.

Деновиве, како што кажа координаторот на пратеничката група на опозициската партија, има обиди на манипулации со граѓаните за противењето од страна на ВМРО-ДПМНЕ за смена на името на Армијата на Република Македонија.

-Сите битни стратешки закони од областа на безбедноста и од областа на одбраната во кои што ВМРО-ДПМНЕ сериозно беше консултирано за изготвување на заеднички текст поминаа со двотретинско мнозинство и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека во предлог Законот за Армијата, Владата се обидува да прави опструкции истиот да не помине за да може пред јавноста да шири една лажна перцепција дека некој во оваа држава е за НАТО, а некој е против, дека некој е за безбедна држава, а дека некој е против тоа. Тоа е само лажна предизборна реторика. ВМРО-ДПМНЕ било и останува на својот принцип за членство во НАТО кое што државата и македонските граѓани го имаат заслужено од 2008 година, рече Мицевски.

Власта свесно премолчува, посочи тој, дека во самиот договор со Грција, кој што секој има право да го критикува, „пишува дека називите на одредени институции, установи, органи, или документи кои што се претежно за внатрешна употреба во државата ќе треба да почнат да се менуваат откако ќе почнат преговорите на Македонија со Европската Унија во таа област односно со секое ново отворено поглавје“.

-Во овој момент не треба да се политизира ова прашање за Законот за Армијата, а името на Армијата може да биде еден дел од достоинството кое што припадниците на Армијата го заслужиле од земја која што ќе биде полноправна членка на НАТО Алијансата, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски.

Нола Исмајловска Старова од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, исто така потенцираше дека денес заокружуваме сон на многу генерации  со кој државата станува триесетта членка на НАТО. – Им овозможуваме на идните поколенија да стојат рамноправно, рамо до рамо со најмоќните светски сили и во нив да имаат свои соборци и сојузници. Денес отпочнува ново поглавје во македонската историја, поглавје кое ги слави успесите и најавува нови победи и потврдува дека имаме капацитет, рече Исмајлоска-Старова.

Таа во својот говор потсети на 19 октомври 2018 година кога, како што рече, овој парламетарен состав беше исправен пред можноста да и помогне на нашата татковина во чекорот неопходен за продолжување по евроатлантската патека по која сме се обврзале да биде нашиот избор за подобро утре.

-Тој ден 80 луѓе решија да седат и притиснат „за“ денес Република Северна Македонија да го заокружи во рекордно брз период членството во НАТО. Едни избраа да останат на страна и стојат до ѕид, а осум луѓе поднесоа одговорност да опстојат на статутарните определби на својата партија… Емилија Александрова, Зекир Рамчиловиќ, Сашо Василевски, Љубен Арудовски, Владанка Авировиќ, Нола Исмајлоска-Старова, Крсто Мукоски и Елизабета Канческа Милеска бидете горди бидејќи денес сите обединети гласаме за Северна Македонија да ни биде побезбедна, посигурна и стабилна. Нашата заслуга ќе ја бележи историјата како државничка, храбра и неопходна за овој свечен чин  за кој живееме сите, рече Исмајлоска-Старова.

Сурија Рушити од Алијанса на Албанците посочи дека денеска се одбележува завршниот чекор кон членство во НАТО Алијансата како триесетта членка.

Посочи дека определба и клучен приоритет на Алијансата на Албанците се евроатланските вредности  на нашата земја.

-НАТО е безбедност, мир и стабилност, но исто така НАТО е и вредност, демократија, правда и развој. Ова се многу важни вредности и неопходни во нашето патување кон Европската Унија. Членството на Република Северна Македонија во НАТО нема да биде целосно без нашето членство во ЕУ, рече Рушити.ев/дма/

 

 

 

 

Back to top button
Close
Close