0_Македонија.ПорталОпштество

Повик за приемен испит за новата Математичко-информатичка гимназија

За Математичко-информатичката гимназија, ново училиште за средношколци талентирани по овие предмети што беше најавувано неколку години, Министерството за образование наука објави повик за полагање приемен испит за ученици кои се заинтересирани да се запишат во учебната 2020/2021 година.

Скопје, 31 март 2020 (МИА) – За Математичко-информатичката гимназија, ново училиште за средношколци талентирани по овие предмети што беше најавувано неколку години, Министерството за образование наука објави повик за полагање приемен испит за ученици кои се заинтересирани да се запишат во учебната 2020/2021 година.За новата гимназија се предвидени места и во објавениот Конкурс за упис во прва година средно образование за 2020/2021, според кој се планирани две паралелки со по 34 ученици (една за настава на македонски и една за настава на албански јазик).

Учениците кои сакаат да се запишат треба да се редовни ученици со завршено основно образование, стекнат општ успех од најмалку 4.5 од шесто до деветто одделение, оценка 5 по наставните предмети математика од шесто до деветто одделение и физика од осмо и деветто одделение и да имаат доставено потврда со број на освоени бодови од приемниот испит.

Испитот се состои од полагање тестови согласно со наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение.

Писменото проверување за секој предмет (математика и физика) ќе трае по 120 минути. Полагањето на приемниот испит ќе се одржи во просториите на средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје – математика на 2 јуни 2020 од 10 часот и физика на 4 јуни од 10 часот.

Поради заразата со КОВИД-19, датумите за полагање на испитите може да бидат и пролонгирани за што сите ученици кои доставиле писмо на интерес ќе бидат уредно известени на нивните електронски адреси.

Повеќе информации за начинот на пријавување и роковите, како и за тестирањето по предметите се содржани во јавниот повик на Министерството за образование и наука.

Математичко-информатичката гимназија како училиште за деца талентирани за овие предмети е најавувана неколку години, за што е донесен и закон и има наставни програми. Планирано е наставата да се реализира во просториите на СГГУГС „Здравко Цветковски“. хс/са/ 

 

 

Back to top button
Close
Close