0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштество

Повеќе оздравени од новозаразени од Ковид-19, градинките подготвени за прием на деца

Бројката на новозаболени од Ковид-19 во земјава и натаму е трицифрена, но висок е и бројот на оздравени пациенти. Министерството за здравство вчера регистрираше нови 166 случаи на заболени од Ковид-19 и 224 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа не е регистриран случај на починат пациент.

Скопје, 4 септември 2020 (МИА) – Бројката на новозаболени од Ковид-19 во земјава и натаму е трицифрена, но висок е и бројот на оздравени пациенти. Министерството за здравство вчера регистрираше нови 166 случаи на заболени од Ковид-19 и 224 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа не е регистриран случај на починат пациент.

Паралелно со борбата со корона вирусот, надлежните координирано работат на создавање  соодветни услови за отпочнување со работа на градинките кои, според најавите, треба да почнат од 9 септември.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција го презентираше протоколот за установите за згрижување и воспитување деца, а министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска уверува дека установите се подготвени на 9 септември да ги примат децата согласно здравствените протоколи.

Шахпаска на прес-конференцијата во Владата информираше дека сите установи во земјава согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а интерес за згрижување досега покажале родители на 14 555 деца.

– Анализата на податоци од градинките покажа дека тие се подготвени наредната среда, 9 септември, да почнат со работа и да ги примат и згрижат децата согласно утврдените протоколи. Приоритет за посетување градинка ќе имаат децата на самохрани родители или на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работата не може да ја извршуваат од дома. Согласно протоколите за работа, градинките имаат капацитет да згрижат 19 илјади деца, но интерес за згрижување покажале родители на 14 555 деца, истакна Шахпаска.

Доколку градинките согласно критериумите од протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, тогаш ќе може да се прифатат и други деца кои се запишани во градинката. Согласно протоколите, групите до 2 години треба да имаат максимум шест деца за кои ќе се грижат двајца вработени, а групите од три до 10 години најмногу 15 деца за кои ќе се грижат двајца вработени.

Препораката од Владата е општините да обезбедат или адаптираат и дополнителен соодветен простор ако за тоа има потреба, како и соодветен кадар со цел да се обезбеди непречено функционирање.

Според министерката Шахпаска, доколку во една градинка е исполнет капацитетот, тогаш детето може да биде згрижено во друга градинка каде има слободно место, но само во истата општина.

Од друга страна, течат и подготовките и консултациите и за почеток на учебната година за основните и средните училишта. Најавени се работни состаноци со сите градоначалници во земјава со цел да се изнајде најоптималното решение.

– Имаме доволен период, имајќи предвид дека се одложи стартот на учебната година за 1 октомври. Очекувам дека ќе се изнајде оптимално решение на ниво на цела држава, изјави вчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој воедно е и претседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

На ниво на Град Скопје, според Шилегов, сите средни училишта се во доволно добра кондиција за да може да се организира било каков тип на настава. Онаму каде што имаме проблеми, ако се одбере онлајн-настава, мислам дека ќе успееме да им помогнеме на оние луѓе кои немаат услови, истакна Шилегов. бак/хс/

Back to top button
Close
Close