Дописници МКДОпштински вести

Потпишан договор за изградба на улици и доградба на градинка во Пехчевско

Изградба на улици во селата Умлена и Робово и доградба на трпезарија на градинката „7 Септември“ во Пехчево предвидува денеска потпишаниот договор во општина Пехчево со фирма од Скопје што ќе ги врши градежните работи.

Пехчево, 17 февруари 2020 (МИА) – Изградба на улици во селата Умлена и Робово и доградба на трпезарија на градинката „7 Септември“ во Пехчево предвидува денеска потпишаниот договор во општина Пехчево со фирма од Скопје што ќе ги врши градежните работи.
Потпишувајки го договорот со фирмата изведувач од Скопје, пехчевскиот градоначалникот Драган Тренчовски, истакна дека се работи за реконструкција и рехабилитација на улица бр.1 и бр.2 во село Робово и улица бр.1 и бр. 2 во село Умлена во должина од 750 метри и ширина на улиците од три метри, како и доградба на трпезаријата во пехчевската градинка.
-Општина Пехчево благодарение на добро изработените проекти конкурираше и доби повеќе проекти кои се во интерес на жителите на нашата општина. Одобрени ни се средства во вредност од 5,870 милиони денари за реконструкција и рехабилитација на улици во село Умлена, село Робово во должина од 750 метри и за доградба на трпезарија во градинката во Пехчево. Со гордост можам да истакнам дека локалната самоуправа полека ги решава сите барања и потреби на граѓаните од нашата општина, дополни Тренчовски.
Меѓу главните цели на локалната самоуправа како дел од реализацијата на овие проекти Тренчовски ги напомена долгорочно подобрување на улиците преку зголемување на техничкиот век на асфалтната површина, зголемената безбедност во сообраќајот, подобрување на сообрќајната поврзаност и комуникација, обезбедување сигурност на пешаците и подобрувањето и обезбедувањето на условите на децата во градинката.
-Имплементацијата на овие проекти за реконструкција на улиците сметаме дека е највисок стратешки прироритет и ќе придонесе за остварување на стратешките цели од областа на  инфраструктурата во општината. Со тоа ќе се намалат трошоците за постојните поправки на улиците односно санација на дупките, а истите ќе ги пренамениме за други комунални услуги, додава Тренчовски.
Средствата за изградба на улиците во Робово и Умлена, како и детската градинка во Пехчево се обезбедени преку Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП 2), со заем од Светска банка. вс/скс/

Back to top button
Close
Close