0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталМИА ИстражуваПолитикаТема

Последни месеци од работата на овој собраниски состав: Тежок мандат и работа под специфични услови

Како исклучително тешка и под специфични услови, ја оценуваат пратениците работата на овој парламентарен состав, вклучувајќи го и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Скопје, 2 јануари 2020 (МИА) – Како исклучително тешка и под специфични услови, ја оценуваат пратениците работата на овој парламентарен состав, вклучувајќи го и претседателот на Собранието Талат Џафери.

За најголем дел од нив, особено за пратениците Македонци, најтешка или најгорчлива, како што вели една пратеничка била одлуката за гласањето за промена на уставното име, но вечно ќе се памети и упадот во Собранието и изборот на неговиот претседател, кој мина со повредени, а потоа следуваа истраги, судења, затворски пресуди, амнестии…

Во парламентарниот состав 2016-2020 видовме многу нови пратеници, не само од политичките партии туку и од граѓанскиот сектор, кои се приклучија кон коалицијата со СДСМ. Но, поголема активност имаа помал број пратеници, меѓу кои можеби предничеа оние со подолг собраниски стаж.

Меѓу позитивните примери, може да се оцени оставката или понесување на одговорност од страна на поранешниот пратеник Павле Богоевски, иако поводот беше јавно објавен сомнителен разговор, ако може да се дефинира така. Оставка на пратеник, како понесување некаква одговорност, дотогаш немаше со години.

Во пратеничката група на опозицијата по подолг временски период некои пратеници се издвоија по тоа што искажаа јавно различни размислувања за одредени прашања од своите сопартијци, па дури и несогласувања со партиското раководство. Ова не се однесува на осумтемина пратеници кои гласаа за уставните амандмани.

Од родов аспект, овој собраниски состав има 48 жени кои се организирани во неформалниот Клуб на пратенички. Со неколку свои активности и лобирања тие се обидоа да направат одредени промени се со цел промена на јавната свест за родовите прашања во општеството. Во Собранието, по шведски пример, е отворена Женска соба. По насилствата во Собранието од 27 април, токму жените пратенички беа првите кои седнаа на заедничка маса, како првичен чекор за помирување меѓу пратениците. Пратеничките успеаја да издејствуваат предлог за измена на Изборниот законик со кој се предвидува 50 отсто од кандидатите на листите за изборите да бидат жени, за што ќе дебатира и најверојатно ќе биде донесен од некој следен собраниски состав.

За одбележување е и работата на Законот за младинско учество и младински политики, кој помина во прво читање и закој има, ако може така да се каже, комплетен консензус, како од страна на пратеници и од младинските подмладоци така и од граѓанскиот сектор. За ова најзаслужна е најмладата пратеничка Ивана Туфекчиќ, која е дел од пратеничката група на СДСМ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе остане во сеќавање како еден од најтранспаретните. Собранието секој месец организира редовни брифинзи со новинарите, а тој лично или преку неговиот Кабинет е достапен за новинарите за информации во врска со работата на Собранието, притоа вешто избегнувајќи да не излегува надвор од собранискиот Деловник и законската регулатива. Тој исто така ќе остане запаметен по обидите за помирување на пратениците по 27 април и упадот во Парламентот.

Пратениците за својата работа, најтешка одлуката за менување на името

Токму Џафери во интервју за МИА неодамна оцени дека во целиот мандат Собранието работело под специфични услови.

– Од онаа ситуација во 2017, па, надминувањето на таа ситуација, воспоставувањето на комуникација меѓу сите пратеници, воопшто генерално како мандат е еден од потешките, ако не и најтежок мандат во кој што се одвиваа многу работи којшто сигурно ќе остават историски белег во работата на Собранието, во смисла на она што го начнавте и вие, доста тешки одлуки кои требаше да се реализираат и мислам дека со трпелива работа успеавме да ги надминеме, да ги слушаме сите разлики, рече претседателот на Парламентот.

Сепак, вели тој, времето ќе даде соодветен суд за сето она што е сработено.

-Во овој момент перцепцијата е дека сме ги сработиле сите оние обврски кои беа пред нас. Впрочем и самата констатација во однос на оценувањето на прогресот за пристапување на напредокот на државата во интегративниот процес, оценка која ја добиваме од ЕК секоја година, таа оценка за Собранието е, ако може ученички или наставнички да се каже, одлична. Тоа може да се види и од Извештајот, посочи претседателот на Собранието.

За работата на опозицијата позитивно го оцени нивниот придонес за функционалноста на Собранието, во обезбедување на кворум во ситуации кога било потребно. Сепак неговата порака до пратениците од опозицијата беше дека тие треба најдат сили меѓу себе да се координираат, да соработуваат, а се тоа со цел функционалноста и стабилноста на институцијата како Парламент, а не во смисла на она што е тесно партискиот интерес изразен во политичките партии.

Соња Мираковска, пратеничка на НСДП, оценува дека работата во овој парламентарен состав, беше исклучително тежок.

-Јас сум овде четири мандати и ова беше најтешкиот мандат. Се донесоа мошне тешки одлуки, и како што реков на Мешовитиот комитет, се донесоа одлуки за еден човечки век, а не за еден мандат. И мислам дека откочивме многу процеси пред Македонија. Ако се продолжи во тој правец, доаѓаат убави денови, убави години. Ние немавме избор. Да имавме избор ќе направевме некоја друга алтернатива. Сите околности и желбата на граѓаните, укажуваат да одиме во правец на Европската унија и НАТО и мислам дека сме на правиот пат и дека најголемите чекори ги направи овој мандат, истакнува пратеничката.

За сите одлуки или гласања во еден момент, вели Мираковска, помислувате дека тоа во моментот е „вистинската одлука или не“.

-Промената на Уставот е сериозна работа. Сите чувствувавме горчина кога го менувавме Уставот за името. Но тоа требаше да се направи. Ние презедовме обврска уште во 1993 година и нам ни остана незавршена работата. Ние треба да знаеме како влеговме во ОН, со задршка, со име кое не личеше, а го носевме 25 години – привремена референца. Тоа мораше да се реши и тоа беше единствениот начин, имајќи предвид во какви околности се наоѓавме, потенцира Мираковска.

Како пратеник во Собранието таа го минува четвртиот мандат, но вели дека уште не знае дали ќе биде дел од следниот парламентарен состав.

-Тоа не зависи од мене. Не е тоа моја желба. И на крај не е важно, четири мандати не се малку во Парламентот, вели пратеничката на НСДП.

Претседателката на неформалниот Клубот на пратенички и пратеничка на СДСМ Ѓулумсер Касапи, за себе вели дека дала еден добар модел како жена Албанка, која не се определила за етничката припадност туку за идеологијата на една политичка партија.

-Се најдов себе си како социјалдемократ. Ако бев во Германија исто така ќе бев определена за истата опција и истата идеологија, да бев во Турција исто ќе се определев, каде било да се наоѓав во моментот јас ќе бев социјалдемократ. Мислам дека покажувам дека така треба да настапуваат младите во иднина затоа што така настапува Европа, вели Касапи.

Овој политички мандат, според неа, не бил нормален почнувајќи од неговиот почеток. Се посегна по животот на пратениците, вели таа, додавајќи дека тие луѓе кои упаднале во Парламентот не размислувале што прават.

-Јас лично ги видов дека тие не мислеа што прават. Тоа беше едно сценарио кое за среќа не се реализира. Мислам дека блокирањата на разните закони од страна на ВМРО-ДПМНЕ кои требаше да ги донесеме ни наштетија воопшто за да не можеме да ги донесеме за доброто за граѓаните. Можевме порано на пример да ги донесме социјалните закони, кои беа блокирани, вели Касапи.

Грешка на владејачкото мнозинство и на Владата, според неа, било тоа што не биле посветени многу на граѓанскиот концепт и што не успеале да ги тргнат минатиот режим од корен, но исто така има забелешки и за кадровската политика.

-И денеска не можеме да го тргнеме режимот, вели Касапи.

Уставните измени смета дека се за добро на државата бидејќи без тоа не можевме да тргнеме напред да бидеме членка во НАТО и да очекуваме позитивен ефект за почнување на преговорите за ЕУ.

-Мислам дека тоа е позитивно. Не велам  дека немаме негативни моменти, посочува Касапи.

Веќе 13 години, од 2006 година, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е Влатко Ѓорчев. Неговите оценки се дека ова бил тежок мандат. Ѓорчев во политичка изјава во свој стил даде оценка за овој мандат и не соопшти дали ќе биде на листите на партијата за следните избори и дали евентуално ќе предводи некоја.

-Ова беше тежок мандат, тежок за Македонија затоа што граѓаните немаат доверба во институцииите, немаа доверба во Владата на Заев, немаа доверба во ова парламентарно мнозинство кое ги изгуби изборите и беше поразено, но состави мнозинство и состави Влада. Корекцијата доаѓа на 12 април, тогаш народот ќе може да каже што мисли за сето ова што и се случува на Македонија и на државен план и на економски план, рече Ѓорчев.

Според него, секој мандат има свои специфики, а своите одлуки ги носел со мирна совест, ги носи согласно она што народот го гласал и она што е мој светоглед.

-И сум немал дилеми за што треба да гласам. Проблемот е што во ова Собрание во овој мандат имаше страшна репресија врз многу пратеници, уцени, купување на пратеници, трговија со слобода, со животи и се останато но тоа нека му служи на чест на Зоран Заев и на неговата гаранитура, вели Ѓорчев.

Неговата сопартијка Даниела Рангелова за МИА изјави дека нема да биде повеќе пратеник откако минала два мандати во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Би ја оценила работата на овој собраниски состав од два аспекта. Негативен аспект го гледам од она што се случија многу лоши работи од 27 април, гласањето за уставните измени и нашето станување и стоење покрај ѕидот. Јас лошо го доживеав тоа во однос на моите колеги пратеници. И тоа во иднина би ми будело лоши спомени. Бидејќи покажавме нечовечност, а од друга страна и ние меѓу нас имавме една нетолеранција една непочит меѓу самите колеги без разлика од која политичка партија доаѓаме, посочи Рангелова.

Во однос на позитивниот аспект,  како што вели „прво се изградивме како луѓе, научивме од лоши примери што не треба да правиме, да ја смениме перцепцијата за нештата“.

-Мислам дека кај мене како никогаш досега не се искристализирале нештата што треба да правам понатаму а што не бидејќи на крај најаважно од се е да не побегнеме од сами себе. Функциите си доаѓаат, си заминуваат. Важно е да остане човечноста меѓу нас, вели таа.

За тоа која и била најтешка одлука за гласање Рангелова вели дека немала некоја тешка одлука заради тоа што секогаш, барем во изминатиот период носела одлуки како што сама сака.

-Ми беше тешко станувањето до ѕидот кога моите колеги гласаа за уставните измени. Тоа ми беше најтешкото нешто. И јас од таа седница заминав плачејќи, кажа таа.

За Хари Локвенец од СДСМ секое време го носи своето бреме така што и времето кое го поминале во овој парламентарен мандат ја има својата тежина.

-Ако побарате да го карактеризирам со два збора тогаш можам да ви кажам дека овој мандат беше полн и со искушенија и со предизвици. Мислам дека првите успеавме да ги избегнеме во делот на заканите, а предизвиците упеавме да ги искористиме и да ги валоризираме во интерес на државата, вели во изјавата за МИА Локвенец.

За него најтешко било да се продолжите да се работи нормално, дури и со полна пареа во интерес на граѓаните после 27 април.

-Помирувањето е двостран процес, и не може да се случи само од една страна и мислам дека ние од парламентарното мнозинство и ја подадовме раката и ги покажавме своите активности во таа насока, посочува тој.

За тоа дали успело помирувањето, Локвенец вели дека нивото на успех е поврзано со чувства и впечаток, за кое не е убеден дека „може да ја избегне субјективната замка“.

-Сметам дека во оваа насока има уште еден клучен збор а тоа е зборот доверба. Да се постигнат сите овие претходно споменати цели, сите треба да работиме најмногу на стекнување, на градење и на стекнување на меѓусебната доверба, смета пратеникот од СДСМ.

Завршувањето на работата на овој парламентарен состав ќе биде и завршување на активната политичка кариера на пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, која била дел од шест мандати односно 17 години во Собранието.

-Ова ми беше најлошиот мандат досега. Секој мандат си има свое премрежје, но овој целиот мандат е премрежје. Траума и за нас како пратеници и за граѓаните. Се отворија многу рани, се озлобивме и се поделивме меѓусебно до атомизација. Се измачивме и меѓу себе, ги измачивме и граѓаните. Овој мандат ќе го помниме по тешки теми, судство, корупција, идентитет, Македонија. Македонија останува како една борба во континуитет во која ќе си требаме сите до еден и би било многу добро во иднина да успееме да се надминеме и да се научиме да работиме заеднички, заради Македонија, за нејзиното добро, вели Поповска во изјавата за МИА.

Смета дека можеби нема да има друг начин освен во иднина да се работи преку широка коалиција, која патем никому не му се допаѓа од конкурентите, но не гледа друг начин да се направат сериозни реформи ако, како што вели Поповска, „не сме сите на еден фронт, каде што секој ќе има чувство дека тоа е и негова борба и негов придонес за евроинтеграцијата“.

-Како најпозитивно што ќе ми остане од овој мандат е период во којшто има висока граѓанска свест, што се покажува во еколошките борби, каде што граѓаните застануваат заедно, без разлика на која партија припаѓаат и што расте свеста за една изборна единица како начин за демократизација на Македонија, изјави Поповска.

Мандатот на овој собраниски состав, доколку има предвремени парламентарни избори на 12 април, завршува на 12 февруари.

Елизабета Вељановска Најдеска 

 

Back to top button
Close
Close