0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Последни денови за договори за коалицирања за предвремените парламентарни избори

Учесниците на предвремените парламентарни избори ги прават подготовките за настап пред граѓаните, кои треба да гласаат на 12 април. Деновиве тие ги подготвуваат изборните листи и разговараат за меѓусебните изборни и постизборни коалиции, ги подготвуваат кампањите, а се среќаваат и со граѓани. Први изборната коалиција вчера ја официјализираа Алијанса за Албанците и Алтернатива, а најави за коалицирања пристигнаа и од најголемите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. 

Скопје, 22 февруари 2020 (МИА) – Учесниците на предвремените парламентарни избори ги прават подготовките за настап пред граѓаните, кои треба да гласаат на 12 април. Деновиве тие ги подготвуваат изборните листи и разговараат за меѓусебните изборни и постизборни коалиции, ги подготвуваат кампањите, а се среќаваат и со граѓани. Први изборната коалиција вчера ја официјализираа Алијанса за Албанците и Алтернатива, а најави за коалицирања пристигнаа и од најголемите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев најави предност на својата партија во однос на коалициското договарање за претстојните избори со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок.

– Со ДУИ ги решивме крупните прашања во Владата, а ние сме единствена партија која има лепеза на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалициите ќе бидат задржани и малку проширени, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт, истакна Заев, кој беше во посета на Виница.

Во врска со подготовката на листите за пратеници, претседателот на СДСМ истакна дека завршило предлагањето на можни кандидати во месните одбори и општинските организации на партијата.

– Извршните одбори ги прават конкретните одлуки согласно критериумите, за потоа да поминат во следната фаза, кога имињата на сите кандидати ќе бидат доставени до Централниот одбор. Таму ќе ги пречека сериозна комисија за селекција составена од меѓународни и домашни експерти, а на крајот преку анкети ќе ги слушнеме граѓаните за тоа кој е оној кој најдобро би ги претставувал. Морам да споменам дека имаме нов квалитет, овојпат ќе имаме машко-женски листи како еден патент модел, односно 50 отсто мажи и 50 отсто жени. Ова е сериозен и храбар чекор што го правиме и е вреден затоа што ќе го вклучиме недоволно искористениот женски потенцијал во државата, рече Заев.

Во врска со најавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за преземање на досегашни коалициски партнери на власта, Заев рече дека оваа партија треба да се реформира во однос на градењето на политики, ставови и стратегии, зошто во спротивно уште долго ќе остане во опозиција. 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека по изборите се можни разговори за коалицирање со сите политички партии, но според принципот програма со програма, којшто, како што рече, не планираат да го менуваат.

– Животот не е игра, во животот има принципи кои ако еднаш се прекршат тогаш веќе не се принципи. И во име на тоа можам да ви кажам дека политиките што ги води ВМРО-ДПМНЕ се темелат на принципи и бидејќи овој принцип еднаш е прекршен во едно ТВ интервју веќе кажавме дека идната коалиција ќе биде на база на програма со програма и тој принцип не го менуваме, рече Мицкоски, коментирајќи ја можноста за коалицирање со Демократската унија за интеграција (ДУИ) од каде што пак најавуваат коалицирање на  партиите што ќе бидат победници во македонскиот и во албанскиот политички блок.

За коалицирање, истакнува Мицкоски, доаѓа во предвид секој оној чијашто политичка програма ќе биде компатибилна со програмата на ВМРО-ДПМНЕ за којашто ќе се согласат на принципиелна основа и така  ќе функционираат следните четири години.

– Ако во еден оркестар свирите на различни ноти, тогаш логично е дека оркестарот нема да биде допадлив за ушите на слушателите. Затоа велам, ако тие програми без оглед на која политичка партија се, допрат со програмите на ВМРО и обратно, не треба тоа да биде еднонасочна улица, сите политички партии доаѓаат во предвид, вклучително и ДУИ, прецизираше Мицкоски.

Размислуваат, наведе, да освојат 61 пратеник на 12 април, според нивните анализи се многу блиску до таа бројка. А веднаш по завршување на изборите, вели, се возможни разговори со сите политички чинители во државата вклучително и со новата коалиција меѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Онаа политичка партија што на парламентарните избори ќе победи во албанскиот блок треба да ја претставува волјата на Албанците, доколку победат партиите кои ќе направат предизборна коалиција и тие треба да влезат во власта, изјави вицпремиерот за европски прашања Бујар Османи, одговорајќи на новинарско прашање во врска со можни предизборни коалициина партии од албанскиот блок со СДСМ.

-Една грешка е направена во 2006-2008 година кога во влада влезе партија која не ја претставува волјата на Албанците и тоа предизвика длабока политичка криза, брзи предвремени избори, блокирање на Собранието затоа што системот по Рамковниот договор не препознава поинакво претставување освен на тој што ја претставува волјата на Албанците. Доколку победат овие партии се разбира дека тие ќе влезат во власта, меѓутоа тој што ќе победи кај Албанците тој ќе ги претставува Албанците во владата, истакна Османи по денешното сведочење во судот за случајот „Монструм“.

Политичките лидери на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши и официјално вчера го потпишаа договорот за коалиција на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Лидерите на двете партии кажаа дека слоганот на нивната коалиција ќе биде „Една држава за сите”. Лидерот на Алијансата за Албанците, во своето излагање посочи дека ова е момент на емоции, затоа што постојано „има сили кои без прекин работат против нивната коалиција“.

-Немам дилема дека овој момент на соединување за нас како Алијанса за Албанците и за Алтернатива, е многу важен момент. Со овој потег ние правиме чекор напред кон зајакнување и зголемување на албанскиот глас. Ова е целта на нашата коалиција, која ќе чекори сигурно за донесување на промените на 12 април, долгоочекувана промена во албанското општество тука во Северна Македонија, рече Села.

Кога зборувам за промена, додаде тој, мислам за враќања на демократијата што недостига внатре албанското општество.

-Вака ние ги разбираме овие 18 години, каде како резултат на изборите не е сменета политичката партија која владеела кај албанското општество и на овој политички монизам ние заедно со вас, заедно со албанскиот народ ќе му ставиме крај на 12 април. Овој датум не треба да биде денот кога овој наш договор ќе престане да важи, туку 12 април е денот кога нашиот договор ќе се засили со глас од Албанците, еден на еден, односно 13-ти е денот кога ќе ја почуствуваме промената и тоа што заедно со Африм го потпишавме „Држава за сите”, рече Села.

Преку овој слоган, како што кажа, тие веруваат дека ќе допрат до сите граѓани на Северна Македонија, на начин што оваа држава ќе ја направат поеднаква, поправедна, „за оваа држава да не биде само на политичарите и на нивните касти, туку и еднаков да биде и за граѓаните”.

Слична беше и изјавата на лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кој истакна дека соединувањето на овие два политички албански субјекти нема за цел одмазда, нема за цел говорот на омраза кон Албанците или другите заедници.

-Тука сме да изјавиме дека после 12 април ние ќе се грижиме за сите Албанци, без разлика за која партија тие ќе гласаат, тие треба да се сигурни дека ние ќе им служиме на сите без разлика на нивните политички и други уверувања. Правиме се за „Државата за Сите”, да ја живееме после 12 април. За нас поважен е денот што следи после 12 април, отколку деновите до 12 април, рече Гаши.

Тој е уверен дека победата на 12 април е сигурна, но, вели, нивната одговорност расте после овој ден.

На новинарско прашање дали со потпишувањето на договорот за коалицирање веќе нема надежи за трипартитна коалиција, Села одговори дека тие што биле за соработка и обединување за да се унифицира гласот на Албанците денеска се тука и на тие што сами се исклучија им посака успеси и апелира да се фокусираат на промените.

На прашањето дали и со кои албански или македонски политички партии би коалиционирале пред и по избори и што мисли за најавата за предизборната коалиција меѓу СДСМ, ДПА и БЕСА, Села одговори: „Се додека нема да има држава за сите, се додека институции на Европската унија ни кажуваат дека постои дискриминација по етничка основа во Македонија, сметам дека уште не се создадени услови за да имаме такви предизборни коалиции. Јас како претседател на Алијанса за Албанците, мислам дека нема ни да влегуваме во такви предизборни коалиции“.

Гаши информира дека тој ќе биде носител на листата во изборната едница 2, додека Села во И.Е. 6 и додаде дека за нив бројките никогаш не претставувале проблем. Рече дека верува дека тие како лидери на партии треба да го предводат овој изборен процес, а не да се кријат под други имиња.

Села посочи дека од потпишувањето на договорот нема да има пратеници на Алијансата и на Алтернатива, туку ќе има пратеници на народот што ќе придонесуваат за промени.

Села спомена неколку области кои ги вклучиле во нивната изборна програма: ќе побараат од земјите на ЕУ во Северна Македонија да се објави Прибе 3 за да се оцени спроведувањето до каде се препораките од Прибе 2 и да дадат нови препораки, ќе побараат од земјите на ЕУ да се донесат експертски групи и да се отворат повторно сите предмети кои се поврзани со висок политички криминал, животната средина, адекватна правична застапеност врз етничка и родова припадност, за кој, тие предлагаат закон, нудат решение за решавање на проблемот со државјанствата…

На новинарско прашање околу изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека не се плаши од пораз, Села рече дека Ахмети знае дека со победата на Алијансата за Албанците и Алтернатива ќе дојде рамноправноста, правдата и можности за сите граѓани во Северна Македонија. ев/бк/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close