Дописници МКДОпштински вести

„Порака Наша“ од Куманово виртуелно со пораки го одбележува Меѓународниот ден на лица со попреченост

Кумановскиот дневен центар за лица со попреченост „Порака Наша“, виртуелно го одбележува 3-ти декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Преку пораки испратени до граѓаните, надлежните од „Порака Наша“ ги потсетуваат за значењето на овој ден.

Куманово, 3 декември 2020 (МИА) – Кумановскиот дневен центар за лица со попреченост „Порака Наша“, виртуелно го одбележува 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Преку пораки испратени до граѓаните, надлежните од „Порака Наша“ ги потсетуваат за значењето на овој ден.

– За сите оние кои сакаат да искажат поддршка за лицата со попреченост од нашиот град и нашата земја, може да се испратат пораки, слики, цртежи, фотографии во знак на поддршка, кои ќе бидат објавени на нашата страна. Да го чуваме своето здравје и здравјето на сите други. Лицата со попреченост се поподложни на заболувања и со тоа, поранливи во услови на пандемија, изјави Фросина Симоновска, едукатор во „Порака Наша“.

Во 2020 година, на меѓународниот ден на лица со попреченост, СЗО апелира на подигање на свеста за потребите на лицата со попреченост во сите аспекти на општеството, вклучувајќи ја и пандемијата на Ковид-19, важноста на негување на инклузивна култура, и целосна реализација на човековите права на сите лица со попреченост како составен дел на сите човекови права и основни слободи.

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, пишува дека различностите мора да нè спојуваат заедно, како општина се залагаме за подигање на свеста кај граѓаните, промовираме еднаквост и недискриминација, почитување на различностите и вклучување на лицата со попреченост во сите сфери на општественото живеење. Тој во објавата на социјалните мрежи потенцира дека општината обезбедува поддршка за дневниот центар, дека се спуштени тротоарите на пешачките премини, повеќе од девет години општината ги вклучува лицата со попреченост во програмата општинско-корисна работа, а воведе и образовни асистенти на ученици со попреченост кои се дел од редовното инклузивно образование.

Да продолжиме и понатаму заеднички да градиме поинклузивно општество кое ги почитува разликите и нуди шанса за сите! да ја гледаме можноста не попреченоста, напиша Димитриевски. ад/оџ/

Back to top button
Close
Close