
Штип, 15 мај 2020 (МИА) – Откако е донесена Уредбата на Владата за задолжително носење заштитна опрема на јавно место, на подрачјето на СВР Штип, поради нејзино непочитување, вкупно 71 лице писмено се предупредени, а на четири лица и три одговорни во правни лица издадени им се прекршочни платни налози, информира портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова.
Таа во писменото соопштение наведува дека не носење заштитна маска се казнува прекршочно и изнесува 20 евра во денарска против вредност за физички лица, а за компаниите каде ќе бидат затекнати вработени или посетители без заштитна опрема истите ќе се казнат со 2000 евра во денарска против вредност.
-СВР Штип апелира граѓаните да ги почитуваат препораките и Уредбата на Владата за задолжително носење заштитна опрема на јавно место, заради заштита и спречување на ширење на корона вирус. Од страна на полициските службеници ќе бидат преземани мерки и секое непочитување ќе биде санкционирано согласно законските прописи, велат во соопштението на СВР-Штип.
Во текот на изминатото деноноќие според статистиката на МВР за периодот по однос на забраната за движење евидентирано е дека на ниво на СВР Штип пет лица не ја почитувале забраната за движење, при што едно е приведено и четири лица писмено се опоменати.
Исто така, според статистичките податоци за изминатото деноноќие на едно лице издадено му е решение за изолација, а четири лица потпишале изјава за самоизолација.Од страна на полициски службеници извршени се 20 контроли кај лица во изолација и 49 кај лица во самоизолација. вдј/ир