Избрано

Политико: Следната криза на ЕУ е поврзана со „геополитичката“ комисија

Со амбициите на новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за ЕУ како „геополитичка“ институција, заедницата отвора нов надворешен фронт, што може да ги засили внатрешните поделби – особено оние меѓу Берлин и Париз, додека истовремено ги ризикува односите на Брисел со останатиот дел од светот, коментира европската редакција на списанието Политико (Politico).

4 февруари 2020  

Политико, Брисел

Во последните неколку години главните политички предизвици за Европската Унија произлегуваат главно од внатрешните проблеми: Брегзит, италијанското членство во Еврозоната, проблемите со владеењето на законот во Централна и Источна Европа. Во 2020 година се чини тоа ќе се промени.

Со амбициите на новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за ЕУ како „геополитичка“ институција, заедницата отвора нов надворешен фронт, што може да ги засили внатрешните поделби – особено оние меѓу Берлин и Париз, додека истовремено ги ризикува односите на Брисел со останатиот дел од светот, коментира европската редакција на списанието Политико (Politico).

Францускиот претседател Емануел Макрон е најважната движечка сила зад овој предизвик. Основните постулати на овој свој пристап тој ги претстави во интервјуто за „Економист“ во 2019 година. Клучна за неговата визија е идејата дека ЕУ треба да се претвори во политички и стратегиски играч со еден глас и една цел, прво во својата внатрешна, а потоа и во својата надворешна политика.

ЕУ може тоа да го постигне доколку установи и дејствува според идејата за „европска сувереност“, а станува збор за економско, воено и стратегиско обединување на земјите од Унијата. Преку таков сојуз ЕУ ќе може да биде чувар на повеќестраноста, активно ќе може да се брани од каприците на американскиот претседател Доналд Трамп и ќе може да изгради конкурентен економски и политички модел за себеси.

Ова во моментов е главниот приод на Урсула фон дер Лајен за прашањата со трговијата, технологиите и одбраната. Но, тој ризикува ЕУ да ја внесе во сериозна конфронтација со светските сили, со кои Унијата ниту е подготвена, ниту е способна да се справи.

Во областа на трговијата, на пример, ЕУ има намера да стане поцврста за овие прашања, а на крајот и да се сообрази со Париските договори за климата. Тие ќе се претпоставка за склучување секакви нови договори, а ЕУ, исто така, ќе наметнува нови санкции против други земји, доколку тоа се наметне како потреба.

Националните влади и ЕК сакаат, исто така, поефикасно да се справат со проблемот со кинеските фирми, што добиваат сè повеќе државни субвенции. Освен тоа, земјите во ЕУ сакаат Кина и САД да ги отворат своите пазари за јавните нарачки за европските фирми и се закануваат со санкции, ако тоа не се случи. Макрон инсистира за заеднички европски мониторинг на кинеските инвестиции во инфраструктурните проекти на Стариот Континент.

Во однос на технологиите има стравувања дека еврокомесарката за конкуренција Маргарете Вестагер е премногу агресивна во своите обиди да ја истурка својата регулаторна рамка. На светскиот економски форум во Давос сведоци бевме на конфликт меѓу Велика Британија, Франција и САД за прашањето со „технолошките“ даноци. Урсула фон дер Лајен инсистира ЕУ да дејствува сама доколку не се најде глобално решение за ова прашање до крајот на 2020 година.

Само неколку дена по самитот во Давос, американскиот министер за трговија Улбер Рос изјави дека Вашингтон може да возврати и на даноците и на царините врз горивата и другите производи што исфрлаат јаглерод диоксид. ЕУ ова го разгледува како еколошка политика, но САД сметаат дека овие мерки се протекционистички.

Активностите на ЕУ за прашањата со трговијата, технологиите и климата, меѓутоа, претставуваат опасност од соодветни реакции и зголемени царини врз некои од секторите на Унијата, со кои е поврзан извозот на земјите од континентот. Такви се, на пример, автомобилите и луксузните стоки, и тоа може да се случи во време на економска стагнација, кога политичарите во Европа не знаат како да возвратат на ваквите мерки.

Овие конфликти ќе бидат засилени од идеите на ЕУ за колективна одбрана. ЕУ со сигурност да создаде своја заедничка континентална армија. Но Унијата ќе се обиде да го искористи својот голем внатрешен пазар за да ги отвори границите меѓу земјите во Европа за воена трговија и технолошки развој во оваа сфера.

Не е случајност што францускиот претседател Емануел Макрон верува дека квалитетната европска одбранбена политика е клучна за „суверена Европа“, а комисијата за внатрешните пазари веќе работи на ова прашање. Но, од гледната точка на САД ова би било провокација, особено ако се има предвид дека земјите од ЕУ веќе ги исполнија или се на пат да ги исполнат своите обврски кон НАТО по однос на своите буџети за одбрана.

Се разбира, фактот дека ЕУ е подготвена да прифати некои тешки реалности е добра вест. Но, опасност за Европа е што американско-кинескиот конфликт може да нè натера да преземаме лоши решенија.

Место да го пополни просторот што исклучивоста на САД и Кина го оставаат, ЕУ може да се распростре прешироко и на виделина да ги извади сите свои стратегиски недостатоци. Европската репутација за бавно, но надежно разработување на политиките може сепак да контрира благопријатно со нараснатата променливост на односите меѓу двете неспорени големи сили во светот. Но, ЕУ треба да внимава да не дава ветувања што не може да ги исполни. сд/

Back to top button
Close
Close