0_МИА Истражува.ПорталОпштествоТема

Политиките поврзани со спорт се родово „слепи“

Сите политики поврзани со спортот кај нас се родово „слепи“, во управувачи тела во спортскиот сектор има само 8,9 проценти жени, речиси 90 проценти од спортските награди во земјава ги добиваат мажи, нема доволно жени-тренери, нема еднаква финансиска поддршка за женскиот спорт, медиумите не известуваат балансирано за мажите и жените спортисти, што доведува до фактот дека родовата дискриминација во спортот е присутна во сите сегменти.

Скопје, 20 декември 2019 (МИА) – Сите политики поврзани со спортот кај нас се родово „слепи“, во управувачи тела во спортскиот сектор има само 8,9 проценти жени, речиси 90 проценти од спортските награди во земјава ги добиваат мажи, нема доволно жени-тренери, нема еднаква финансиска поддршка за женскиот спорт, медиумите не известуваат балансирано за мажите и жените спортисти, што доведува до фактот дека родовата дискриминација во спортот е присутна во сите сегменти.

„ТАКТ“ е невладина организација што се бори против социјалните и родовите нееднаквости преку спортот, формирана од жени спортистки. Во разговорот со МИА, претседателката на Организацијата, Силвија Митевска, истакна дека за нив спортот е платформа преку која можат да ги промовираат сите вредности во кои веруваат – еднаквоста, инклузијата, толеранцијата, поччита и фер играта.

Нивните активности се насочени кон промоција на тоа зошто е добра еднаквоста во спортот, бидејќи оценуваат дека, со тоа ќе имаат бенефит сите, а особено спортот и развојот на спортот во земјава.

Организацијата „ТАКТ“ работи на афирмација на спортот како алатка за зајакнување на девојките и жените, бидејќи како што нагласи Митевска, веруваме дека спортот носи многу придобивки за нив.

– Ние сме виделе кога работиме на терен што значи спортот и како преку него можеме да ја подобриме самодовербата, самопоччита, упорноста, самодисциплината, тимскиот дух, затоа што колективните спортови ве учат како да бидете тимски играч, а тоа понатаму многу помага во професионалната средина во која ќе работите. Покрај здравствените бенефити, спортот има и многу социјални придобивки, посочи Митевска.

Наведувајќи ги податоците од најновото истражување на Министерството за труд и социјална политика, кое покажува дека во управувачи тела во спортскиот сектор има само 8,9 проценти, Митевска потенцираше дека тоа е поразително.

– Ние работиме со спортски федерации и со други спортски организации. Кога сакаме да промениме некоја политика, закажуваме состанок, а на тие состаноци речиси секогаш се присутни само мажи. Тие треба да бидат свесни дека треба да се вклучат што повеќе жени во овие политики. Кога ќе прашаме зошто нема жени на раководни функции, обично одоговорот е дека нема доволен број жени коишто сакаат да истапат и да бидат на тие функции. Потребно е да се охрабрат жените, да се обучат за да добијат глас кога се одлучува за спортските политики, нагласи претседателката на „ТАКТ“.

Таа потенцираше дека сите политики кај нас, што се поврзани со спортот, се родово „слепи“. Воопшто нема ниту една стратегија којашто вклучува родова еднаквост.

– Она што бараме кај нас е да има волја за соработка нешто да се промени. Ние имаме експертиза и знаење, која не сакаме само да биде препознаена од Владата, туку сакаме да се преземат конкретни чекори коишто ќе бидат спроведени, посочи Митевска.

Таа порача дека на земјава и се потребни мажи кои ќе застапуваат за родова еднаквост. – Сега е моментот кога на глобално ниво се зборува за родова еднаквост, бидејќи родовата дискриминација во спортот е глобален феномен. Сега ќе биде клучен момент и кај нас бидејќи се подготвува новиот закон за спорт и новата национална стратегија за спорт, рече Митевска.

– Ние членуваме во сите владини комисии за родова еднаквост. Таму се презентирани сите наши барања и имаме поддршка од нив. Сега ќе биде клучен момент, кога ќе почне процесот на формирање на новиот закон за спорт и новата национална стратегија за спорт, да видиме колку нашите барања ќе бидат застапени. Во однос на националната стратегија предложивме еден од приоритетните цели да биде развојот, унапредување на родова еднаквост во спортот и таа приоритетна цел да ги содржи сите специфики коишто се однесуваат на зголемување на бројот на девојки коишто се бават со рекреативен и професионален спорт, еднаква финансиска поддршка за женскиот спорт, еднаква медиумска застапеност на женскиот спорт, елиминација на сексизмот, шовинизмот итн. Во законот за спорт ги побаравме квотите за раководните функции. Ако сакаме да видиме напредок во законот за спорт, сметаме дека треба да има еден голем сегмент што ќе го таргетира единствено женскиот спорт, наведе претседателката на „ТАКТ“.

Митовска се осврна и на доделувањата на награди во спортот, нагласувајќи дека речиси 90 отсто од спортските награди се доделуваат на мажи.

– На сите доделувања на награди, дали на државно ниво или на ниво на федерација, околу 90 отсто од наградените се мажи и речиси нема жени. Тоа за нас е поразително, бидејќи или тие сметаат дека нема жени кои заслужуваат да добијат каква било награда или кога гледаат дека нема жени, не прават ништо за да поттикнат да има масовност и кај женската популација, потенцираше Митовска.

Во однос на медиумското известување, Митовска оцени дека не е балансирано.

– Потребна е обука за родова рамноправност за новинари и новинарки. Имаме мал број новинарки кои веројатно немаат доволно слобода и моќ да одлучуваат за што ќе пишуваат. Потребно е многу да се работи со медиумите затоа што много е важно како се претставува женскиот спорт. Доволно е да пребарувате на Гугл за да ви стане јасно како се известува за машкиот, а како за женскиот спорт. Фокусот за жените спортистки секогаш е ставен на нивната гардероба, нивното тело, а многу малку на нивните резултати. Додека за мажите вестите секогаш се поврзани со нивните постигнувања. Всушност и многу малку се известува за женскиот спорт. Многу е важно подеднакво да се промовира женскиот и машкиот спорт и колку е важно во нивното претставување да се користат родово сензитивен јазик и вистинско реално претставување на жените спортисти.

Организацијата „ТАКТ“ вечерва во хотел „Мериот“ ќе одржи гала настан „Вечер за жени во спортот“, чија цел е да се истакне квалитетот и значајноста на женскиот спорт, да се промовира заложбата за родова еднаквост во спортот и да се поттикне поголема медиумска поддршка на жените кои се активни и успешни во спортскиот сектор.
На настанот ќе се слави успехот на спортистките и ќе бидат доделени награди во 12 категории.

Симона Митровска

Back to top button
Close
Close