Дописници МКДОпштински вести

Поднесени пет барања за бесплатна правна помош до штипската НВО „Ехо“

Новиот закон за бесплатна правна помош, кој почна да важи од 1 октомври 2019 година веќе ги дава и првите резултати на терен, е оценката на граѓaнските активисти од штипската НВО „Ехо“-Штип.

Штип, 2 јануари 2020 (МИА) – Новиот закон за бесплатна правна помош, кој почна да важи од 1 октомври 2019 година веќе ги дава и првите резултати на терен, е оценката на граѓaнските активисти од штипската НВО „Ехо“-Штип.

Благица Кирова од НВО „Ехо“-Штип вели дека до нив во рок од три месеци се пристигнати пет барања за бесплатна правна помош.

– Нашата целна група се жртвите на семејно насилство, на родово базирано насилство и еве во првите три месеци четири од пет барања беа за вакви жртви на родово базирано насилство, за решавање на нивни правни проблеми. Така што кај нас поголем дел од барањата ќе бидат околу тоа, вели Кирова.

Таа додава дека граѓаните многу често се обраќаат и за добивање бесплатна правна помош и од областа на работните односи, социјалната заштита, како и за решавање на разни видови на долгови.

Бети Пеева од НВО „Ехо“ Штип вели дека со години ги барале промените, а на законот за бесплатна правна помош работеле речиси две години. Промените во овој закон ги барале во интерес на жртвите на семејно насилство.

-Значајното конкретно за нас како организација е што овој закон дава многу олеснителни критериуми за жртвите на насилство. Така што веќе се зголемува и бројот на одобрени барања за бесплатна правна помош, вели Пеева.

Бесплатна правна помош нудат неколку граѓански организации од Скопје,Штип, Куманово, Струмица и  Битола, случаите ги следат до завршницата на судските постапки. Доколку се прифати барањето за бесплатна правна помош, државата е таа која ги подмирува сите трошоци. вдј/цр/

Back to top button
Close
Close