Дописници МКДОпштество

Под мотото „Хепатитис – безбедна иднина“ одбележан Светскиот ден за борба против хепатитот

Здружението на граѓани Хепар Центар-Битола го одбележа 28 јули, Светскиот ден за борба против хепатит.

Битола, 28 јули 2020 (МИА) – Здружението на граѓани Хепар Центар-Битола го одбележа 28 јули, Светскиот ден за борба против хепатит.

Јавните настани годинава се реализираат под мотото „Хепатитис – безбедна иднина“, а Хепар Центар-Битола како препознатлива организација надвор од државата е вклучена и во меѓународен проект, истакна Милан Мишковиќ, претседател на организацијата.

-Вклучени сме во истражување на интернационално ниво, ќе соработуваме со Универзитетот во Оксфорд со цел да добиеме прецизни податоци за тоа како коронавирусот влијае и колкава е опасноста од влошување на здравствената состојба на лица со хепатитис доколку бидат заболени од Ковид-19. Инаку, во нашата држава во моментов еден процент од населението се соочува со овој здравствен проблем, но добро е што македонското Министерство за здравство ја набави најновата терапија произведена пред 2 години, мултигенотипска терапија која ги лекува сите генотипови хепатитис и таа ќе биде бесплатна за сите пациенти, потврди Мишковиќ.

Јавна поддршка за активностите на Хепар Центар-Битола даде градоначалничката Наташа Петровска која нагласи дека активностите на НВО во градот се видливи посебно во сферата на заштита на здравјето на луѓето.

-Ние континуирано поддржуваме организации кои мотивираат активности за превентива и други мерки за заштита на здравјето на луѓето рече Петровска.

Според податоци на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола, во овој град во 2019 година со актутен хепатит е регистрирано едно лице, со хепатит А се евидентирани седум лица, со хепатит Б пријавени се три лица, а со хепатит Ц не е пријавено нити едно лице. мт/вј/

Back to top button
Close
Close