0_Спорт.ПорталSport.SlajderФудбал

Почнува „Серија А“: Кој ќе го запре Јувентус?

„Старата дама“ е апсолутно доминантна на домашната сцена последните 9 сезони, откако го подигна Скудетото 9 пати по ред. Сепак, последната кампања беше далеку од убедлива за тимот од Торино. Завршија со само еден бод пред Интер, а исто така пропаднаа во Лигата на шампионите, што логично доведе до смена на тренерот Маурицио Сари.

Торино, 19 септември 2020 (МИА) – Денес почнува новата сезона во италијанската Серија „А“. Ова е последен од големите шампионати на континентот, кој сè уште не е започнат, но денес битките на Апенините се враќаат во полна сила. Навивачите очекуваат уште една возбудлива сезона во Калчото, но големото прашање што сите го поставуваат е: Кој може да го запре Јувентус?

„Старата дама“ е апсолутно доминантна на домашната сцена последните 9 сезони, откако го подигна Скудетото 9 пати по ред. Сепак, последната кампања беше далеку од убедлива за тимот од Торино. Завршија со само еден бод пред Интер, а исто така пропаднаа во Лигата на шампионите, што логично доведе до смена на тренерот Маурицио Сари.

Сепак, потегот на шефовите на „бјанконерите“ се покажа изненадувачки. Сите тие очекуваа да донесат некое големо и етаблирано име во тренерската професија за да го води тимот. Изборот на раководството сепак беше да му се даде шанса на легендата Андреа Пирло, иако тој нема тренерско искуство зад себе. Ова може да биде брилијантен потег, но може да биде и целосен неуспех. Само времето ќе покаже кое од двете.

На прв поглед се чини дека Интер ќе биде главниот конкурент на Јуве за титулата оваа сезона. „Нероазурите“ позитивно ја завршија последната кампања и стигнаа до финалето во Лигата на Европа, но загубија од Севиља. Сепак, клубот има доволно квалитетен состав и се очекува да продолжи со своите добри игри и во новата сезона. Позитивен знак беше останувањето на тренерот Антонио Конте, кој имаше одредено несогласување со газдите, но проблемите се средени и сега сè изгледа во ред.

Другиот гигант од Милано исто така дава позитивни сигнали. По продолжението од минатата сезона, која беше прекината неколку месеци поради пандемијата на КОВИД-19, „росонерите“ не доживеаја пораз, забележувајќи 9 победи и 3 ремија, со што успеаја да се искачат на 6-тото место и да обезбедат учество во Лига Европа. Клубот успеа да ја задржи својата голема ѕвезда Златан Ибрахимовиќ, а го зеде и големиот талент Сандро Тонали. Затоа, се очекува тимот да продолжи да расте, и зошто да не игра важна улога во битката за Скудетото.

Римските гиганти Лацио и Рома исто така не се за потценување. „Орлите“ беа и претенденти за титулата во последниот шампионат, кога долго дишеа во вратот на Јуве. Сепак, тие доживеаја пад на крајот од кампањата и завршија само на 4-то место. Сепак, тие го задржаа својот состав и нема причина да не се ставаат во сметките. Во исто време, „волците“ имаат некои проблеми од финансиска природа, но сепак имаат и прилично солидна постава, која има место во Топ 4, а зошто да не и понапред.

Мора да се обрне внимание и на Наполи. Фудбалерите на Џенаро Гатузо одиграа просечна кампања и завршија само на 7-то место. Сепак, амбициите на претседателот Аурелио Де Лаурентис се многу посериозни и тој го одврза кесето за да го засили тимот со напаѓачот Виктор Осимен. Неаполитанците се уште се во процес на градење нов изглед на тимот, но време е да се видат некои резултати.

Не смееме да ја заборавиме ниту Аталанта. Екипата од Бергамо станаа важен фактор во Серија „А“ во последните неколку сезони и никој не може да си дозволи да ги потцени. Ова е очигледно од третото место кое го освоија минатата сезона. Тешко е да се замисли дека играчите на Џанпјеро Гасперини можат да го нападнат Скудетото, но во секој случај тимот има потенцијал за место во Топ 4.

Добрата вест од последните часови е дека ќе има публика на натпреварите од првото коло. Засега, само 1.000 луѓе ќе имаат дозвола да присуствуваат на стадионите, но можеби овој број ќе се зголеми во подоцнежната фаза.

Серија „А“, 1 коло:

Сабота:

Фиорентина – Торино
Верона – Рома

Недела:

Парма – Наполи
Џенова – Кротон
Сасуоло – Каљари
Јувентус – Сампдорија

Понеделник:

Милан – Болоња

Среда:

Беневенто – Интер
Удинезе – Специја
Лацио – Аталанта

Таг
Back to top button
Close
Close