Дописници МКДОпштински вести

Почнаа подготвителните активности за изградба на баскет игралиште во Дебар

Почнаа подготвителните активности за изградба на новото баскет игралиште во Дебар, кое се наоѓа во населбата „Венец еден“.

Дебар, 7 јуни 2020 (МИА) – Почнаа подготвителните активности за изградба на новото баскет игралиште во Дебар, кое се наоѓа во населбата „Венец еден“.

Тоа е едно од десетте вакви спортски терени што ќе се градат во државава, а за чија изградба одлука донесе Владата на седница на крајот од месец јануари годинава.

– Игралиштето ќе се простира на површина од 400 метри (20 х 20), ќе има еден кош, ќе биде осветлено, ќе има клупи за играчите, корпи за отпадоци и ќе биде заштитено со висока ограда. Ќе се гради со финансиски средства од Агенцијата за млади и спорт во вредност од три милиони денари, изјави за МИА, Газменд Цами, раководител на Одделението за урбанизам при општина Дебар.

По веста дека Дебар е меѓу десетте општини каде ќе се гради ваков спортски терен, градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, оцени дека ова е многу значаен проект за развој на спортот и најави дека во иднина ќе се продолжи со реализација на други проекти за создавање соодветни услови за спортување и развој на дебарската младина.

Баскет игралиштето е во непосредна близина на детскиот парк, што пред околу две децении е изградено со средства од УНДП и е едно од најпосетуваните места.

Со финансиски средства од Агенцијата за млади и спорт, во Дебар веќе се изградени две повеќенаменски спортски игралишта во населбите „Венец два“ и „Коњаре“. вт/мс/

Back to top button
Close
Close