Дописници МКДОпштински вести

Почна реконструкцијата на ученичкиот дом во Куманово

Почна реконструкцијата на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово.

Куманово, 4 септември 2020 (МИА) – Почна реконструкцијата на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово.
Директорката на установата, Љубица Павловски, денеска информираше дека се реконструираат ученичките соби, подовите, внатрешната столарија, прозорци и вратите, дел од тоалетите, се менува и електричната и водоводната инсталација.
– Реконструкцијата ги опфаќа сите соби на учениците, вкупно 39 и дел од занималните. Се менуваат врати, прозорци од задната страна на објектот, ќе се постави нова фасада, ќе има пристап за лица со попреченост, ќе се приспособат тоалет и две простории за лицата со посебни потреби. Објектот е граден од 1962 до 1963-та година и оттогаш не е променета фасадата, изјави директорката Павловски.

 

Таа се надева дека со реконструкцијата, значително ќе се подобрат условите за престој на учениците.

Во моментов запишани се 73 ученици и во фаза на разгледување се 13 барања за прием на ученици од општините од североисточниот регион, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане, селата од Куманово, но и од Свети Николе и Пробиштип, кои одлучиле да се запишат во едно од петте средни училишта од Куманово.

Реконструкцијата на објектот се реализира, согласно добиениот проект,, Социјална инклузија на деца од рурални средини и згрижување на жртви на семејно насилство, поплави и пожари“, кој е дел од грантовата шема за „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ поддржан од Швајцарска агенција за обнова и развој преку Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Министерството за локална самоуправа.

Проектот на ученичкиот дом беше изгласан на форумските сесии кои се одржаа во јануари-февруари годинава. Тогаш, надлежните посочија дека е важно во проектите да бидат опфатени ранливи категории, децата или возрасните кои живеат во оддалечени рурални средини, лица кои немаат пристап до услуги. Исто така беше истакнато дека е  важно проектите да имаат регионална основа и да бидат во интерес на жителите на повеќе од три општини во североисточниот плански регион.ам/фф/

Back to top button
Close
Close