Дописници МКДОпштински вести

Почна реконструкцијата на Градски зелен пазар во Кавадарци

Општина Кавадарци денеска  официјално почна со реконструкција на Градскиот зелен пазар, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

Кавадарци, 19 февруари 2021 (МИА) – Општина Кавадарци денеска официјално почна со реконструкција на Градскиот зелен пазар, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

-Со механизација се расчистува теренот на локацијата  на постојниот зелен пазар. Со новиот проект, општината ќе гради современ покриен зелен пазар  во  две  нивоа  за  паркирање  и  едно  ниво  за  продажба  на  свежи  зелени производи,  како  и  производи  кои  бараат  посебни  услови, појаснија од кабинетот на градоначалникот Јанчев.

Оттаму додадоа дека во функционална  смисла, објектот ја  задржува  својата намена, која  се збогатува  со дополнителни содржини.

Според проектот, приземниот  дел  е  за пристап, како и за  паркирање  на 66 лесни  автомобили  и  едно  паркинг место  за  инвалиди, а во објектот се предвидени и санитарни  јазли  за  продавачите и потрошувачите.

Трите  нивоа на објектот ќе бидат поврзани  преку  вертикални  комуникации:  скали, товарен лифт за достава на роба и помал лифт за луѓе.

Општината Кавадарци за изградба на објектот ќе инвестира 102.616.159 денари. Додека се гради новиот пазар, кавадарчани ќе го користат  пазарот на локацијата на булеварот „Никола Минчев“. свд/мд/

Back to top button
Close
Close