Дописници МКДОпштински вести

Почна реконструкцијата на библиотеката „Искра“ во Кочани

Почнаа градежните работи за реконструкција на општинската библиотека „Искра“ во Кочани, за што од сопствениот буџет ќе се инвестираат близу 3,1 милиони денари.

Кочани, 6 март 2021 (МИА) – Почнаа градежните работи за реконструкција на општинската библиотека „Искра“ во Кочани, за што од сопствениот буџет ќе се инвестираат близу 3,1 милиони денари.

Објектот ќе добие нова фасада и преуредени внатрешни простории во кои се наоѓа дел од книжниот фонд и читалната.

– Според техничкиот проект, библиотеката ќе има структурална висечка фасада од алуминиумски профили, а планирано е застаклување со четирисезонско огноотпорно термопан стакло. Со реконструкцијата на приземниот дел во внатрешноста ќе се обнови подната површина, односно стариот и оштетен паркет ќе се замени со нов под од епоксиден материјал. Исто така, ќе се санираат оштетувањата на ѕидовите и таванот, а ќе се постави ново штедливо ЛЕД осветлување и ќе се реконструира електричната инсталација, истакна градоначалникот на Кoчани, Николчо Илијев.

Реконструкцијата на библиотеката „Искра“ следува по обновувањето на соседниот објект на Мултикултурниот центар, со што двете згради ќе станат една целина со нов изглед.

Надзорот на работите го врши Центарот за консалтинг и инженеринг „Концепт ЕУ“ од Кочани, а изведувачот „Симак инженеринг“ од Скопје има обврска да ја комплетира реконструкцијата до почетокот на јули годинава.та/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close