Дописници МКДОпштински вести

Почна реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ на Осоговските Планини

Со реконструкција и адаптација на поранешниот воен објект на Пониква во современ планинарски дом, почна реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ на Осоговските Планини за кој Општина Кочани обезбеди грант од над 30,5 милиони денари.

Кочани, 28 април 2020 (МИА) – Со реконструкција и адаптација на поранешниот воен објект на Пониква во современ планинарски дом, почна реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ на Осоговските Планини за кој Општина Кочани обезбеди грант од над 30,5 милиони денари.

Со инвестицијата ќе се работи на проширување на туристичкиот потенцијал и на создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам, како дел од вториот повик за инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот на Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“, а што е финансиран од Европската Унија.

– Целта на проектот „Планински велосипедски рај“ е да се развијат можности за уникатно планинско авантуристичко искуство, за што според повеќе велосипедски, планинарски и рекреативни здруженија, Осоговските Планини поседуваат одлични услови и досега беа честа локација за организирање на велофестивали и слични настани. Проектот е поврзан со постојната инфраструктура и се вклопува во стратешките цели на Општината за збогатување на туристичката понуда, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Покрај реконструкцијата и адаптацијата на планинарскиот дом, проектот „Планински велосипедски рај“ опфаќа и изградба на патеки за авантуристички планински велосипедизам во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани. Планирана е и изработка на интерактивна апликација за мобилна телефонија, со податоци за планински велосипедизам што ќе вклучува презентација на геореферентни податоци на јавно достапните мобилни мапи.

Според договорот за реализација, изведувачот има обврска градежните работи за проектот да ги заврши во период од една година. та/ев/

 

Back to top button
Close
Close