Дописници МКДОпштински вести

Почна обновата на објектот на поранешен „Хотел Солун“ во Куманово

Почна обновата на објектот поранешен „Хотел Солун“ во централното градско подрачје во Куманово, објави денеска на Фејсбук градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Куманово, 11 февруари 2021 (МИА) – Почна обновата на објектот поранешен „Хотел Солун“ во централното градско подрачје во Куманово, објави денеска на Фејсбук градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

– Започнавме со обнова на поранешниот „Хотел Солун“, еден од најрепрезентативните објекти по кои е познато наше Куманово, изграден уште во првата деценија на 20 век. Проектот е во реализација на Општина Куманово, финансиран од страна на ЕУ со „Interreg-IPA CBC“ програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, кој се имплементира во соработка со Општина Дупница, напиша Димитриевски.

Според градоначалникот, ќе се задржи автентичниот изглед, а покрај конзервација, реставрација, санација и адаптација на објектот, предвидено е и обнова на ентериерот, опремување на просториите со мебел, организација на музички настани, обуки и други активности. Во приземјето се предвидува повеќенаменски простор за презентации, трибини и инфоцентар, а во просториите на првиот кат е планирано да има административни простории.

– Ќе продолжиме да го негуваме нашето културно наследство и да го враќаме сјајот на објектите кои се од особено значење за наше Куманово!, напиша Димитриевски.

Секторот за евроинтеграции од Општина Куманово, лани го изработи проект за обнова на поранешниот „Хотел Солун“, еден од најрепрезентативните објекти, лоциран на улицата „Иво Лола Рибар“ во централното градско подрачје.

Бенефитот од реализацијата на овој проект велат од општината е повеќекратен и вклучува подобрување на туристичкиот потенцијал во регионот преку иницијативи за соработка за подобро зачувување и одржливо искористување на природно и културно наследство.ам/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close