0_Web_АктуелноMakedonija.SlajderДописници МКДОпштински вести

Планинарскиот дом Љуботен одбележа 90 години – реновиран е за да биде засолниште и за идните генерации планинари

Со пригодна манифестација планинарскиот клуб „Љуботен“ одбележа девет децении од постоењето на нивниот планинарски дом, кој се наоѓа на 1620 метри надморска височина под истоимениот врв на Шар Планина. Воедно ова беше можност да се означи и крајот на петгодишното реновирање на домот преку кое објектот доби нов покрив, поткровје и пет бунгалови.

Тетово, 20 јуни 2021 (МИА) – Со пригодна манифестација планинарскиот клуб „Љуботен“ одбележа девет децении од постоењето на нивниот планинарски дом, кој се наоѓа на 1620 метри надморска височина под истоимениот врв на Шар Планина. Воедно ова беше можност да се означи и крајот на петгодишното реновирање на домот преку кое објектот доби нов покрив, поткровје и пет бунгалови.

Одбележувањето почна вчера во раните утрински часови со планинарска тура од Старо село до домот Љуботен на која учествуваа домаќините, претставници на други клубови и рекреативци.  Патеката од околу осум километри по земјен пат и шумски предел се поминува за 2,5 часа пешачење. По пристигнувањето и освежувањето, следуваше разгледување на обновениот дел од планинарскиот дом, кој бил почнат да се гради во далечната 1931 година. Поставена беше и изложба на фотографии преку кои посетителите можеа да ги видат историските случувања поврзани со домот во изминатите девет децении.

-Некој направил нешто, денес ние го чуваме, реновираме и го градиме, за да генерации после нас го наследат и одржуваат. Тој пример ни го дале генерацииите пред нас. Ние сега го чуваме за да го пренесеме на следните генерации. Тоа е нешто што нас ни дава волја како членови на планинарскиот клуб „Љуботен“ да работиме и да се бориме со оние предизвици кои се пред нас, истакна во пригодното обраќање, претседателот на клубот, Јован Божиновски.

Тој потсети на заложбите на прерано починатиот професор Љупчо Меловски (1958-2019) од Македонско еколошко друштво и неговиот придонес во иницијативата за обнова на домот како и напорите за прогласување на Шар Планина за национален парк.

Претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Јовица Угриновски порача дека најзначајно е што многу љубов и труд се вложува за да постои и опстои овој дом кој е засолниште на планинарите од непогодните временски состојби.

-Ова што го гледате пред вас, колку материјал има внесено внатре, гледате дрво, цигли, камен. Дали забележивте уште две состојки за да ова добие ваков изглед. Главниот материјал е труд и љубов. Дрво може да скапе, цигла може да се распадне меѓутоа љубовта е вечна, истакна Угриновски.

За обнова на домот поддршка клубот имал освен од Македонското еколошко здружение (МЕД), од Германската корпорација за меѓународна соработка (ГИЗ) и Проект за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ на Швајцарската агенција за развој и соработка.

-Развојот на туризмот и заштитата на традицијата не е едностран, туку заеднички напор на повеќе засегнати страни. Ни беше задоволство и чест да ги здружиме силите за оваа активност со други донатори и здруженија  Бидејќи тоа е иднината на туризмот во која веруваме и се залагаме – активен, отворен, одржлив за планетата, локалната култура и традиција, како и за локалната економија. Бујниот потенцијал на планината Шара за активен туризам може да биде инспирација за сите нас да бидеме одговорни посетители или одговорни даватели на услуги во туризмот. Мојата главна порака денес е „Дозволете ни да уживаме во раскошот што оваа планина го нуди за своите посетители, но единствената трага што ја оставивме зад нас по нашата посета треба да бидат нашите стапалки во земјата“, истакна Клиф Хамерс, претставник на Швајцарската амбасада.

Обновата на најстариот планинарски дом во С. Македонија е започнат кон крајот на 2015-тата година.

-Почнавме со тоа што целосно се извади стариот покрив и се направи комплетно нов. Така се создадоа услови поткровјето кое не беше во функција, сега да може да се користи. Потоа се работеше на надворешноста со промената на фугата помеѓу камењата од ѕидовите кои остааа и ја доловуваат автентичноста од 1931 година. Од позади се доградија тоалети за катот горе, затоа што до сега имаше само на приземје тоалети. Се променија прозорци и врати. Откако се направи тоа се прејде на бунгаловите, се рушија старите и се направија нови со тоалети, тушеви и кревети, објасни претседателот Јован Божиновски.

Сега веќе обновениот дом има улога на сместувачки капацитет каде може да се преноќи.

-Последна работа беше поткровјето да се стави во функција. Се поставија нови скали за се стигне од приземјето до катот и потоа до поткровјето. Во поткровјето се поставија 20 легла, како уште 10 во петте бунгалови. Во собите на првиот кат, кои следно ќе се реновираат, ќе има уште 25 со што вкупниот број ќе биде 55 легла, потенцира Божиновски.

Иницијатор на изградбата на домот во 1931 година бил тогашниот градоначалник на Тетово, Орестие Крстиќ, кој воедно и бил претседател на  тогашното тетовско туристичко друштво „Шар Планина“, сегашен планинарски клуб „Љуботен“. ас/рп/

Back to top button
Close
Close