0_Спорт.ПорталСпорт.СлајдерФудбал

Пирло: Конте и Ибрахимовиќ се демони

Пирло е во единствена позиција да зборува за овој натпревар, откако играше за двата клуба од Милано, беше соиграч со Ибрахимовиќ во „росонерите“ и работеше под водство на Конте во Јувентус.

Милано, 7 февруари 2020 (МИА) – Италијанската фудбалска легенда Андреа Пирло го коментираше претстојното дерби меѓу Милан и Интер. Според него, Антонио Конте и Златан Ибрахимовиќ ќе играат клучна улога во претстојниот судир.

– Тие не можат да издржат да загубат, тие се претвораат во демони, рече тој за „Газета дело Спорт“.

Пирло е во единствена позиција да зборува за овој натпревар, откако играше за двата клуба од Милано, беше соиграч со Ибрахимовиќ во „росонерите“ и работеше под водство на Конте во Јувентус.

– Има 19 поени разлика, но дербито е нешто различно. Таа разлика не е важна. Интер е во подобра форма, но и двата тима знаат дека ова е меч кој може да ја промени сезоната. Не само што носи бодови, туку и самодоверба, прокоментира Пирло, кој се откажа од фудбалот во 2017 година.

Според него, Ибрахимовиќ е фундаментален затоа што го зголемува нивото на концентрација на целата група.

– Тој е исклучителен професионалец и го бара истото од другите. Неговите соиграчи ќе бидат целосно фокусирани на секој тренинг. Точно е дека тој ве притиска до ѕидот, вика, беснее. Знам дека малкумина го сакаат. Тој сепак ја прави разликата на теренот, иако не како порано, додаде поранешниот италијански репрезентативец.

Пирло изјави дека не е изненаден од брзиот напредок на Интер по пристигнувањето на Конте на „Меаца“.

– Конте ве тера да давате сè од себе цело време. Тој е опседнат со победата. Кога губи, тој се претвора во демон. Не смееш да разговараш со него. Конте е најдобриот тренер со кој работев. Тој е причината поради која размислувам да станам тренер, додаде легендата на италијанскиот фудбал.

Таг
Back to top button
Close
Close