0_Web_Актуелно0_Web_Избор на уредникот0_Македонија.ПорталОпштество

Петровска: Потребни се планови за ефикасно справување со аерозагадувањето

Единствен начин за да се решаваат проблемите со аерозагадувањето на систематски начин - долгорочно, среднорочно и краткорочно, е да имаме планови кои на ефикасен начин ќе ни овозможат да се справуваме со загадувањето.

Скопје, 16 јануари 2020 (МИА) – Единствен начин за да се решаваат проблемите со аерозагадувањето на систематски начин – долгорочно, среднорочно и краткорочно, е да имаме планови кои на ефикасен начин ќе ни овозможат да се справуваме со загадувањето.

Ова го истакна Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП на денешната Тркалезна маса „Состојби, предизвици и перспективи за решавање на проблемите со аерозагадувањето во Скопскиот плански регион – Предлози”, во организација на Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД.

– Во таа насока инициравме измена на Законот за управување со квалитетот на амбиентниот воздух и тој помина во владина процедура. Очекуваме до распишувањето на изборите да имаме изменет и дополнет Закон за управување со квалитетот на воздухот, кој што носи една многу важна новина, со која ќе имаме можност сите препораки што досега се пратени до засегнатите страни во ситуација кога имаше надминување на праговите за алармирање, да станат обврзувачки за општините, владата, бизнис секторот и приватниот сектор. Во таа насока обезбедуваме при надминување на праговите на информирање и алармирање тие да имаат обврска да направат планови за краткорочни мерки и тие мерки да станат дел од правниот промет, да може некој, Владата или општината, да издаде наредба и овие мерки веднаш да стапат во сила, рече Петровска.

Го воведуваме, наведе таа, и принципот на локализација, што значи дека во градовите, односно во средините каде што имаме почесто надминување на граничните вредности, да можат со дозволите да се дефинираат многу построги стандарди.

– Оваа година првпат добивме буџет за акредитација на нашата централна лабораторија, во која се дефинираат насоките што треба да се акредитира како метод, какви процеси и човечки капацитети се потребни за ова централна лабораторија да ја врши својата функција и да може како независен контролен инструмент да ги проверува усогласеноста на индустриските загадувачи со нивните дозволи. Ангажирана е една компанија која ќе ги процени сите недостатоци на лабораторијата, наведе таа.

Гледано од енергетска страна, директорот на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија, Нехри Емрула рече според нивните анализи во Скопскиот регион нема поголеми електроцентрали за производство на електрична енергија.

Во нашиот регистар се води само една централа со моќност од 0,6 мегавати на био маса која се уште не почнала со работа. Според анализа на Светскиот совет за клима, една централа на ветар или нуклеарна централа проиведува 12 грама јаглерод диоксид по проиведен киловат час, додека сончевите колектори емитуваат 48 грама по киловат час. Најмногу загадување прозиведуваат термоелектраните, кои во нивниот просечен животен циклус емитуваат околу 820 грама јаглерод двооксид по киловат час, рече тој.

Градоначалникот на Oпштина Карпош, Стефан Богоев истакна дека сите заедно треба да се справиме со проблемот со аерозагадувањето и ги повика граѓаните да пријавуваат случаи каде ќе може да се интервенира.

– Имаме инспекција. Имаме инспектор за животна средина и комунални инспектори. Проблемот е тоа што инспекторот за животна средина не може да влезе во приватен дом. Инспекторот на општината нема овластување по закон да ви влезе дома и да провери дали се греете на дрва или не. Инаку, имаме и десет комунални редари кои честопати санкционираат палење на отворено и во таа област имаме напредок. Посериозен напредок со инспекторите имаме и во делот на хигиената, но сепак тука ни требаат и граѓаните кои треба почесто да пријавуваат, бидејќи има населби со поприлично одговорни граѓани кои што често пријавуваат и таму веднаш го гледате ефектот, изјави Богоев.

Тој верува дека со предлогот што е на дискусија за комунална полиција и кој го предводи Градот Скопје, инспекторите на општините и Градот Скопје ќе може да имаат поголеми ингеренции.

Богоев најави дека од наредната недела ја почнуваат теренската анкета врата до врата во Карпош 1 и 2, каде граѓаните треба да се изјаснат дали се за регулиран паркинг. Тоа е зона Д на градски паркинг, која, како што рече, подразбира нула денари за возилата на граѓаните кои имаат живеалиште во територија на овие две населби, додека се другите ќе се наплаќа.

Тркалезната маса е во рамки на активностите на проектот „Чиста енергија за чист воздух”, кој е финансиран од Владата преку Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2019 година. фф/сп/

Back to top button
Close
Close