0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДСторија

Петранка, Димитар и Филип развиваат животни вештини и работат на лозјето за време на самоизолација

Седумгодишните близнаци Петранка и Димитар и нивниот шестгодишен брат Филип, освен што ги следат препораките за воспитно-образовни активности во време на изолација поради коронавирус, развиваат и животни вештини, а работат и на семејното лозје заедно со своите мајка и татко. Активни се и во дворот, каде што се подготвуваат за сеидба на јагоди и цвеќе. Слушаат и едукативни емисии за заштита од вируси, зашто, како што велат родителите Викторија и Златко, веќе се на возраст на која треба да знаат за обврските за заштита.

Кавадарци, 24 март 2020 (МИА) – Седумгодишните близнаци Петранка и Димитар и нивниот шестгодишен брат Филип, освен што ги следат препораките за воспитно-образовни активности во време на изолација поради коронавирус, развиваат и животни вештини, а работат и на семејното лозје заедно со своите мајка и татко. Активни се и во дворот, каде што се подготвуваат за сеидба на јагоди и цвеќе. Слушаат и едукативни емисии за заштита од вируси, зашто, како што велат родителите Викторија и Златко, веќе се на возраст на која треба да знаат за обврските за заштита.

– Оваа година е јубилејна за мене и мојот сопруг. Прославуваме заеднички 15 успешни години. Среќни сме што сме родители на три прекрасни дечиња. Како и сите родители, така и ние го сакаме најдоброто за нашите деца. Се трудиме секој потег и одлука да ги донесеме заеднички, за доброто на семејството. Токму семејството за нас е најважната работа во животот. Меѓусебните љубов и почитување се рецепт за напредок, а тој се пренесува од колено на колено во нашата фамилија, раскажува мајката за МИА.

Виното се раѓа на лозјето

Вики ја знам уште од пред околу 16 години. Тогаш како девојка беше главна во барањето работнички права, за време на протест во кавадаречка фирма, кога беше и повредена.

– Децата учат од своите родители. Сметаме дека на децата треба да им се даваат обврски, во рамките на нивните можности, кои ќе ги исполнат, па ќе се чувствуваат корисно и ќе бидат горди на себе. Така, уште од малечки, се градат себеси и својот карактер. Така се градат добри личности. Според нас, секоја работа што ја работиме ние треба да биде предизвик и за нашите деца. Секако, во значително помал обем и во согласност со нивната возраст. Во нашето поднебје има море од лозја, па така ние редовно ги носиме на нашиот лозов насад и ги учиме од мали дека работата е важен дел од животот. Некој можеби ќе рече, ги мачат децата. Не е тоа мачење, тоа е стекнување работни навики. Ги советуваме дека никогаш не е срамота да се работи каква било работа, бидејќи тој што работи, тој заработува. Во овој период од годината тие собираат прачки кои останале по кроењето на виновите лози во редовите од лозјето. На самото место уште отсега учат дека виното се раѓа на лозјето и дека само добро искроенa лоза ќе даде добар род, од кој ќе се направи квалитетно вино, децидна е оваа мајка.

Таа нагласува дека нејзините деца не седат прекувремено пред компјутер и на телефон како некои други. Пред појавата на коронавирусот, голем дел од времето, исто така, минувале во прошетки, бидејќи се фамилија која има посебна љубов кон природата. Едвај чекаат да помине вирусот, па повторно да шетаат наоколу.

Игра со брашно

Меѓу развивањето животни вештини, кои тие ги учат од својата мајка, е и подготовката на различни видови тестенини.

– Играта со брашно, ако така може да се каже, ја наследив од мојата баба, која за жал не е веќе меѓу нас. Нејзина желба беше и мојата ќерка од мала да научи да меси и сука, како што јас научив од неа. Желбата за игра со брашно ја имаат и нашите синови. Забавно им е на сите тројца кога експериментираме со форми и вкусови, со задоволство објаснува Вики за умешноста на нивните три деца.

Но тоа не е сè.

– Заеднички со нив правиме зимница, помагаат колку што можат. Им ги покажуваме вештините во кујната. Затоа што учење не е само тоа што се учи во училиште. Тајните на животот се учат секојдневно. Една од нив е и готвењето под вршник, традиција која ја наследив од моето семејство и им ја пренесувам на своите деца. Ние дома, освен вино, произведуваме и ракија и маџун за сопствени потреби, различни видови слатка, природни сокови и компоти. Има и такви кои ќе речат дека не мора да се мачиме затоа што во продавница го има сето тоа да се купи. Но не е така. Јас би рекла, домашно си е домашно. Башка што е повкусно, ако е по твој мерак и ако самиот ти си учествувал со својата љубов во тој ритуал на подготовка на одредена храна. Или, што би рекле, вредните раце на нашите деца се вмешани во секоја каша, децидна е домаќинката, која секогаш во домот има различно слатко и сокче од дренки, боровинки и што ли уште не за добредојде.

Најмалото – логичар и галениче

Димови, двајцата вработени, во чиј дом секое утро започнува со малку маџун за подобар имунитет, веруваат дека сето тоа што нивните деца го учат од најмала возраст ќе им користи во животот. Велат, нивните деца си ги знаат и правата и обврските. Ќошето си го имаат како дисциплинска казна, каде што се поминува одредено казнено време. Но, казната главно се прифаќа со свесност дека ете се случува и да се згреши.

Секое од трите дечиња, барем засега, си има избрано професија со која сака да се занимава во иднина. Петранчето уште од многу малечка не ја променила желбата да биде докторка, сè уште убедена дека еден ден ќе ги лечи сите, особено постарите и немоќните лица. Димитар сонува да стане добар фудбалер. Филип копнее да вози големи камиони како дедо.

– Засега секој од нив е посебен на некој начин. Иако се близнаци, Петранчето и Димитар воопшто не се исти по карактер. Тој е побрз и со поголема желба за работа, секогаш спремен да помогне, како во домашните обврски така и во работите на лозјето. Таа е поосетлива на пример, многу повеќе сака да им помага на луѓето. Филип, кој сè уште го сметаме за мал, иако е голем логичар, знае да се погали, а дада и бато да изработат за него. На шега сите коментираме дека е галениче, искрена е Вики.

Во семејството како анегдоти се пренесуваат кажувањето на Петранчето „мама ме роди, а крстена сум на баба”, како и настанот за време на крштевката на Филип, кога Димитар го зел кандилото на попот, па имало бркотница низ црквата. На свадбена веселба, Филип во еден момент ѝ рекол на мајка си да го носат дома. Рекол, јас кога ќе се женам, ќе бидам цела вечер во хотелот, сега ми се спие.

И сосема за крај, она што посебно инспирира кај ова семејство е тоа што родителите ги учат децата дека убавината на животот не ја чинат материјалните нешта, туку богатството на душата.

– Уште отсега знаат да го ценат трудот. Ја разбираат мудрата изрека од мојот дедо дека многу е лесно да го продадеш тоа што го заработил твојот родител. Обиди се самиот да создадеш нешто, вели оваа позитивна мајка.

Позитивната енергија таа и нејзиниот сопруг ја пренесуваат и на своите деца.

Светлана Дарудова

Back to top button
Close
Close