0_МИА Истражува.ПорталИзбрано

Пет работи што можеби не сте ги знаеле за Белорусија

Во неделата, белорускиот претседател Александар Лукашенко официјално го освои шестиот мандат на спорните избори, а демонстрантите низ целата земја излегоа на улиците.

15 август 2020

Би Би Си – Лондон

Во неделата, белорускиот претседател Александар Лукашенко официјално го освои шестиот мандат на спорните избори, а демонстрантите низ целата земја излегоа на улиците.

Но, колку знаете за оваа земја?

Еве пет работи кои можеби ве интересираат, од катастрофата во Чернобил што ја погоди Белорусија, до врвна спортистка која доаѓа од оваа источно-европска земја.

Белорусија пропорционално претрпе најголемо разорување од сите земји во Втората светска војна

Се верува дека Белорусија изгубила околу 25 проценти од своето население за време на Втората светска војна, откако нацистичка Германија изврши инвазија врз СССР.

За време на војната во Белорусија беа убиени 600.000 советски војници и повеќе од 1,6 милиони цивили, вклучувајќи го и скоро целото еврејско население.

Околу 85 отсто од Минск, главниот град, беше уништен во бомбардирањето и беше повторно изграден во 1950-тите и 1960-тите.

Белорусија има претседател со најдолг стаж во Европа

Според официјалните резултати, Александар Лукашенко победи на изборите во неделата со повеќе од 80 проценти од гласовите.

Меѓутоа, немаше набљудувачи, што предизвикува сомнежи за местење на изборите. Главниот противник, Светлана Тихановскаја одби да ги прифати резултатите.

Лукашенко дојде на власт во 1994 година.

Неговата цврста рака е често мета на критики од западните земји. Во 2005 година, администрацијата на Буш го опиша како „последен диктатор во Европа“ на чело на „една тиранија“.

Лукашенко еднаш предупреди дека секој што ќе се приклучи на протестот на опозицијата ќе се третира како „терорист“, додавајќи: „Ние ќе ги удавиме како патки“.

Организациите за човекови права го обвинуваат за бројни прекршувања.

Атентаторот на претседателот Кенеди, Ли Харви Освалд живеел во Минск

Освалд, поранешен маринец, пристигнал во СССР на дваесетгодишна возраст, тврдејќи дека е марксист.

КГБ ја отфрли неговата апликација за членство и на денот кога му истекла туристичката виза, Освалд си ги пресекол вените. Стравувајќи се од меѓународен инцидент, советските власти му дозволиле да остане.

Освалд бил испратен во Минск, каде добил работа во фабрика за радио и ТВ апарати. Живеел во двособен стан во центарот на градот. Тој бил еден од ретките странци во Минск и единствениот Американец.

Тој се оженил со Марина Прусакова во март 1961 година. Следната година добиле ќерка, а во 1962 година се преселиле во САД.

.На 22 ноември 1963 година, Освалд го застрела и го уби американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во Далас, Тексас.

Околу 70 отсто од радиоактивниот отпад од Чернобил падна во Белорусија

Еден од четирите нуклеарни реактори во нуклеарната централа Чернобил во Украина експлодираше на 26 април 1986 година. Настанот е опишан како најтешка нуклеарна катастрофа во светот.

Токсичен облак опфати големи делови на Европа. Соседната Белорусија го доби најтешкиот дел од радиоактивното влијание – околу 70 проценти од добиените опасни честички паднаа на оваа земја.

Една петина од земјоделското земјиште беше загадено, а повеќе од 2.000 градови и села беа евакуирани. Од 1986 година, раселени се повеќе од половина милион луѓе.

Некои контаминанти кои влегоа во земјата и воздухот имаат полуживот од 24.400 години, покажуваат податоците на хуманитарната организација Чернобил Интернешнл.

Катастрофата во Чернобил ја чинеше Белорусија 20 проценти од својот годишен буџет, велат од организацијата и се проценува дека отпадот создаден како резултат на катастрофата ќе ја чини земјата вкупно 235 милијарди долари.

Два милиони луѓе во Белорусија, од кои 500.000 високоризични, живеат во многу загадени зони.

Викторија Азаренка е најуспешна белоруска тенисерка

Викторија Азаренка е првата белоруска тенисерка која го достигна првото место на светската ранг-листа и првата што освои олимписки медал.

Таа освои бронзен медал во женски синглови на Олимписките игри 2012 во Лондон и златен медал во мешани двојки. Таа исто така двапати победи на Австралија опен и двапати стигна до финалето на УС Опен.

Азаренка се натпреваруваше за Белорусија и во ФЕД Купот, чисто женски турнир.

– Душата ми е дефинитивно белоруска и без разлика што ќе се случи и каде и да сум, моите корени секогаш ќе бидат тука, изјави таа за „Минск Хералд“.

– Јас пораснав во Белорусија и моите родители сè уште живеат овде, јас тука се формирав како личност. Кога дојдов во Белорусија, дојдов во татковината, вели таа.

Откако го роди синот Лео, се врати во конкурентен тенис во 2018 година. Таа за Tennis.com изјави дека нема намера да забави во блиска иднина. ссм/

Back to top button
Close
Close