Дописници МКДОпштински вести

Пет нови случаи на Ковид-19 во Крива Паланка

На подрачјето на општина Крива Паланка во моментот има вкупно деветнаесет активни случаи со Ковид-19, од кои во изминатите 24 часа се регистрирани седум, а само денеска петмина.

Крива Паланка, 5 септември 2020 (МИА) – На подрачјето на општина Крива Паланка во моментот има вкупно деветнаесет активни случаи со Ковид-19, од кои во изминатите 24 часа се регистрирани седум, а само денеска петмина.
Според статистиката на Институтот за јавно здравје, околу педесет отсто од вкупниот број активни случаи со Ковид-19 во оваа општина се регистрирани изминативе денови, од нив четворица се вработени во локалната самоуправа на општината, а од вторникот позитивен на вирусот е и првиот човек на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Поради ваквата состојба општината е затворена и нема да работи до среда, деветти септември, а вчера состанок одржа и општинскиот кризен штаб.
Според информациите од Кризниот штаб на Општина Крива Паланка, донесени се и нови заклучоци за преземање мерки за заштита и превенција од Ковид-19.
Екипите на јавното претпријатие „Комуналец” во текот на вечерта и рано утрово извршија дезинфекција на јавните градски површини, главната улица и споредните улици во градот, влезови на јавни стамбени згради, јавни претпријатија и установи и други локации.
Вонредна дезинфекција беше направена и во општинската зграда, а кризниот штаб донесе препораки и за продолжување на засилените контроли од страна на инспекциските служби на локално ниво во однос на почитувањето на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.
Според статистиката на Институтот за јавно здравје, еден нов случај на заразен со Ковид-19 е регистриран и во Кратово, а денес се бележат и четири оздравени лица од Крива Паланка и Ранковце. ид/ев/

Back to top button
Close
Close