0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталВидео изјаваПолитика

Пендаровски: Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливоста кон различните

Претседателот на државата Стево Пендаровски упати видео-порака по повод геноцидот во Сребреница, каде пред 25 години повеќе од 8.000 луѓе, претежно мажи и деца беа систематски убиени, само поради тоа што беа Бошњаци.

Скопје, 11 јули 2020 (МИА) – Претседателот на државата Стево Пендаровски упати видео-порака по повод геноцидот во Сребреница, каде пред 25 години повеќе од 8.000 луѓе, претежно мажи и деца беа систематски убиени, само поради тоа што беа Бошњаци.

Ова е, вели Пендаровски, без дилема, еден од најмрачните настани во модерната европска историја за кој не постои никакво рационално оправдување.

– Некои од злосторниците веќе се соочија со правдата пред Меѓународниот суд. Дел од преживеаните, собраа храброст да им погледаат во очи на своите џелати, и да им простат на оние кои се покајаа за своите злодела. Но, многумина од нив продолжуваат да живеат со ужасните трауми дополнително засилени со негирањето и релативизирањето на вистината за злосторот, нагласи тој.

Меморијалниот центар и Мајките на Сребреница преку јасна порака, истакнува Пендаровски, не соочуваат со колективното минато и се совеста на нашата генерација.  Тие, дополни тој, не поттикнуваат омраза, ниту бараат одмазда, бидејќи со тоа се продлабочува неправдата. -Тие само ја бараат вистината и правдата, како предуслов за мирот, посочи претседателот.

– Историјата, не само на Балканот, не учи дека идеите за етнички чисти територии, секогаш водат кон трагедии. А, последните балкански војни покажаа дека и по Холокаустот геноцидот може да се повтори. Ако една генерација не зборува, наредната ќе заборави, што создава плодна почва за нови конфликти. Освен сеќавањето, алтернативите се градат преку образованието што промовира солидарност и сочувство кон другите, почитувајќи го вроденото достоинство на секој човек. Единството во различноста се штити преку механизми што се борат против системската неправда, истакнува Пендаровски.

Дваесет и пет годишнината од геноцидот во Сребреница, вели Пендаровски во видео-пораката, се случува во период на пандемија на КОВИД-19 којшто секојдневно зема илјадници човечки животи низ целиот свет. Тој вели дека Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливоста кон различните.

Пендаровски порачува да се градат општества во кои ќе има место за секој од нас и да направиме дом во кој ќе се прифаќаме едни со други и покрај нашите разлики. фф/ац/

Back to top button
Close
Close