Дописници МКДОпштински вести

„Пејпр мил“ најавува рестартирање на производството, одборот „За здрав живот во Кочани“ бара почитување на мерките против загадувањето

Во текот на март се очекува да пристигне и да се вгради нов систем за прочистување на воздухот од фините честички прав во фабриката за хартија „Пејпар мил“ во Кочани со што ќе се создадат услови за продолжување на производствениот процес, најави генералниот директор Јулијан Даскалов.

Кочани, 23 февруари 2021 (МИА) – Во текот на март се очекува да пристигне и да се вгради нов систем за прочистување на воздухот од фините честички прав во фабриката за хартија „Пејпар мил“ во Кочани со што ќе се создадат услови за продолжување на производствениот процес, најави генералниот директор Јулијан Даскалов.

Тој информира дека се работи за инвестиција вредна 55 илјади евра, со која ќе се постигнат европските стандарди, согласно А интегрираната еколошка дозвола, па од април 120 работници треба да се вратат во фабриката.

– Донесовме одлука да инвестираме затоа што тој филтер е од најсовремена технологија и за три пати го намалува количеството на прашина, односно ќе ги подобри параметрите од тоа што го испуштаме во атмосферата. Сакаме да ги потпишеме прво сите документи, да потпишеме меморандум или документ со Инспекторатот за животна средина за да бидеме сосема сигурни што ни претстои. „Пејпер мил“ учествува во целосната еколошка политика, како единствен рециклатор на отпадна хартија и од неа произведуваме уникатни производи како што се хартиените ќеси. Во овој процес нема хемиски реакции, така што апсолутно не предизвикува никакво загадување. Важно е и да се знае дека ова е македонска фирма, тука се плаќаат даноци, такси, а за последните пет години во државната каса преку нас влегле над 10 милиони евра, истакна Даскалов.

Од граѓанскиот одбор „За здрав живот во Кочани“ порачаа дека профитот не може да има приоритет пред здравјето на граѓаните, со предупредување дека никој не треба да се осмелува да ја загадува животната средина.

-Бараме да запре со работа котелот на пелети во „Пејпар мил“ доколку се надминат емисии над 50 милиграми на кубен метар прашина и да продолжи да работи котелот на метан. Да се вгради филтер за сузбивање на миризбата, а емисиите на прашина да се мерат континуирано и да се објавуваат на веб-страницата на фабриката. Да се стави во употреба станицата за пречистување на отпадните води во најитен можен рок и да се исчистат лагуните во кои се врши таложење на отпадните води. На крај, бараме контрола на одлагањето на остатокот од несогорените и необработени материи од производството во фабриката, истакна Зоран Тодоров од одборот „За здрав живот во Кочани“.

Фабриката „Пејпар мил“ го прекина производствениот процес во средината на јануари, откако Државниот инспекторат за животна средина издаде решение со кое беше побарано наместо пелети, да се користи метан, сè до обезбедување на филтерот и водење на процесот на начин на кој нема да се загадува воздухот во Кочани. та/мч/

Back to top button
Close
Close