0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderАнализаБизнисБизнис.ПорталЕкономијаМИА Истражува

Патниците и бизнисот чекаат нови пруги и возови

Железничкиот сектор во државава ја заокружи минатата и ја почнува новата година речиси со исти ветувања за нови километри пруги и обнова на возниот парк, планови за обезбедување финансии од меѓународни кредитори, субвенциониран превоз на патници... Во државниот буџет за изградба на железницата и за развој на железничкиот сектор за годинава се планирани две милијарди и 652 милиони денари, за 577 милиони денари повеќе отколку за 2019 година.

Скопје, 7 јануари 2020 (МИА) –  Железничкиот сектор во државава ја заокружи минатата и ја почнува новата година речиси со исти ветувања за нови километри пруги и обнова на возниот парк, планови за обезбедување финансии од меѓународни кредитори, субвенциониран превоз на патници… Во државниот буџет за изградба на железницата и за развој на железничкиот сектор за годинава се планирани две милијарди и 652 милиони денари, за 577 милиони денари повеќе отколку за 2019 година.

Годинава готова првата од трите делници од пругата кон Бугарија

Клучните најави за поконкретни активности се однесуваат за пругата кон Бугарија, чија изградба почна во март 2014 година.

Надлежните институции најавуваат дека во втората половина на годинава треба да заврши изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце, во должина од 30,8 километри. Од делницата во вредност од 47 милиони евра, според ресорот транспорт во 2017 година наследиле завршени 25 проценти, а досега прогресот на активностите изнесува 65 проценти.

За втората делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и која чини 147,5 милиони евра, на повикот за претквалификација во октомври лани понуди доставија 15 фирми. Се врши евалуација од страна на кредиторот – Европската банка за обнова и развој и од единицата за имплементација и се очекува објава на тендер во втората половина на 2020 година. За третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, најкратка, но најкомплицирана за изградба поради конфигурацијата на теренот, сè уште се преговара за обезбедување финансии што, според првичните процени, би изнесувале околу 370 милиони евра. Досега се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА-фондовите.

Железничкото поврзување со Софија, според најавите, е планирано за 2025 година. На западниот дел од овој коридор е ветено железничко поврзување со Албанија, со планираниот проeкт за изградба на пругата Кичево до албанската граница. Изградбата на пругата проектирана на 63 километри чини 500 милиони евра, кои една година по изработената проектна и тендерска документација сè уште не се обезбедени. Со оваа пруга и Охридско треба да добие железничко поврзување. Маршрутата на пругата е од Кичево низ планините до регионот на Мешеишта, од каде што минува покрај Струга, каде што ќе биде главната станица, по што ќе продолжи кон западниот дел на Охридското Езеро, ќе минува низ Радожда и ќе се поврзе со границата со Албанија кај населеното место Лин.

Со изградбата на пругата Кичево до Лин, како и доизградбата на пругата кон Бугарија, за што е поставен рок до 2025 година, надлежните ветуваат функционална железничка мрежа по должината на Коридорот 8, која изнесува вкупно 315 километри. Почнува од пристаништето Бургас во Бугарија, минува низ територијата на нашата држава и завршува во пристаништето Драч во Албанија.

Завршена пругата Битола – Кременица, но не е во функција

Конкретна новина на терен во изградба на железничката инфраструктура изминатата година се очекуваше со пругата Битола – Кременица, која иако е готова веќе една година сè уште не е пуштена во функција. Тоа, според ресорното Министерство, ќе се случи откако ќе завршат активностите за поставување оптички кабел, а претходно на терен се работело на отстранување редица технички проблеми, како и поставување сигнализација, паркинг, електрична енергија и други дополнителни компоненти.

Во новиот железнички крак од 18 километри на потегот од Битола до пограничното село Кременица на границата со Грција се вложени 17,2 милиони евра, од кои шест милиони евра од ИПА, а 11 милиони евра од државниот буџет.

Превозот на патници и натаму со субвенции, се анализираат модели за преструктурирање на транспортниот оператор

Ресорот транспорт годинава врз основа на субвенции за превоз на патници во железничкиот транспорт ќе одвои 430 милиони денари.

Како што информираа за МИА од Железници Транспорт, заклучно со ноември лани преку нашите пруги се превезени 501.574 патници, од кои во домашниот сообраќај 498.827. Во меѓународниот сообраќај имало само 2.747 патници на крајот на септември, со оглед дека возот кон Солун и Белград сообраќа само преку лето, а во актуелниот возен ред единствен меѓународен воз е тој на релацијата Скопје – Приштина – Скопје. Во истиот период од 2018 година се превезени за 6.574 помалку патници, односно 494.957, на домашните линии 488.905, а во меѓународниот сообраќај 6.052 во тек на девет месеци.

По набавката на шест патнички возови во периодот од 2015 до 2017, првпат по 35 години, ова претпријатие во ноември лани го обнови возниот парк и со една електролокомотива, а кинескиот производител ЦРРС треба да испорача уште три и да се зголеми обемот на превоз. 

Во локалниот и меѓународниот товарен превоз од јануари до крајот на ноември годинава се превезени 1.669.367,80 тони, за 3,1 отсто повеќе во однос на истиот период од 2018. Домашниот товарен превоз бележи зголемување за 49,8 проценти, а меѓународниот за 2,81 процент. 

ЖРСМ Транспорт располага со вкупен возен парк од 1.235 товарни вагони. Од нив 570 вагони се со важечка ревизија (техничка контрола на вагоните) и се користат за транспорт на стока, додека останатите 665 се неактивни, поголемиот дел поради годините на производство и препораките на Меѓународната унија на железниците се застарени и не се препорачува нивна обнова.

Според препораките на Европската комисија, како и на домашните експерти, решение за состојбите во железницата е либерализација на железничкиот сообраќај. Тоа треба да донесе конкурентност, подобри услуги и пониски цени на патничкиот и транспортниот сообраќај. Во таа насока, според најавите од Министерството за транспорт и врски, е и тековната подготовка на студијата за преструктурирање на Железници на РСМ Транспорт. Ангажираната консултантска куќа треба да достави модели за преструктуирање на компанијата.

Лидија Велковска

Back to top button
Close
Close