Општество

Панел дискусија за проблемите и предизвиците на младите во земјава во време на глобалната пандемија

Пандемијата на коронавирусот претставува глобален проблем за сите. Како младите кај нас се справуваат со новонастанатата ситуација и со какви проблеми и предизвици се соочуваат тие, се дискутираше на денешната панел дискусија „Млади перспективи“ организирана од ЦИВИЛ.

Скопје, 24 декември 2020 (МИА) – Пандемијата на коронавирусот претставува глобален проблем за сите. Како младите кај нас се справуваат со новонастанатата ситуација и со какви проблеми и предизвици се соочуваат тие, се дискутираше на денешната панел дискусија „Млади перспективи“ организирана од ЦИВИЛ.

Говорници на дискусијата беа Стефани Спирковска од Радио Моф, Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студенско собрание, Ермин Климента, веб девелопер од ЕЛАМИ и Ангела Петровска, новинарка од ЦИВИЛ. Модератор на дискусијата беше Дехран Муратов.

Спирковска од Радио МОФ истакна дека оваа година недостасуваше дискусија за младите и конструктивен пристап во политиките и промените, но и едноставно да се види каде се младите во нашето општество и во што треба да бидат поддржани најмногу.

– Кога зборуваме за млади, која е всушност таа категорија на млади, затоа што ако ги погледнеме младите како категорија во рамките на ЕУ или во пошироки светски размери, тука станува збор за група која што е стриктно определна до 29 или 30 години и тука е многу појасен текот на настаните во животот. По завршувањето на образованието имаме осамостојување, прво работно место и некако е посреден животот, вели Спирковска.

Таа додаде дека споредбено кај нас младите многу подолго остануваат да живеат со своите семејства и дополнително многу подоцна доаѓа и првото вработување, што е директно врзано со нивното осамостојување.

Дури и во нормална година, кога нема пандемија, младите кај нас се соочуваат со низа предизвици за кои што им треба поддршка. Конкретно во оваа година кризата ги извади на површина сите недостатоци во животот на младите што постојат од порано.

Како еден од  главните проблеми Спирковска го истакна квалитетот на образованието што во неколку наврати се покажа како многу кревок, кои се промените што треба да следат во образовниот систем и колку е тешко прилагодување на национално ниво.

Младинската невработеност, што е на доста високо ниво, исто така е еден од проблемите со кои се соочуваат младите. Според истражување направено неодамна, констатирано е дека една четвртина од невработените лица се млади и дополнително многу е повисок процентот на млади луѓе кои бараат работа споредбено со сите други возрасни категории.

– Имајќи го ова на ум колку кризата влијаеше на работните места општо, ние добивме податок од Министерството за култура  дека 14.000 млади лица ги загубиле работните места како последица на кризата настаната од пандемијата на коронавирусот, потенцираше Спирковска.

Како трет позначаен проблем што треба да го сфатиме како општество и граѓански сектор е тоа што кога се носат политики за млади или какви било решенија што ги таргетираат младите, мора да се земе предвид дека ова група е многу поширока. Во неа треба да бидат вклучени и младите лица со попреченост, како и младите од руралните средини, бидејќи тие се најпогодени од кризата.

Борјан Ефтимов од аспект на студентите истакна дека тие и во нормални околности во нашата држава се соочуваат со многу проблеми, бидејќи „имаме образовен систем што е во распад и не одговара на потенцијалот што го имаат младите“. Тој посочи дека дигитализацијата на Универзитетот „Кирил и Методиј“ на изненадувачки задоволително ниво започна да се реализира брзо.

– Универзитетот добро се справи со првиот бран, импровизирајќи, но сепак успеа. Кризата продолжува, во јуни започна испитната сесија, Министерството за образование, по навика си донесе уредба како ќе се реализираат испитите без да се консултира со академската заедница и тука имаше многу недоразбирања. Ние сметавме дека професорите треба да бидат крајниот авторитет и ќе одредат како ќе биде заштитен квалитетот, но на крај се донесе одлука дека испитите треба да бидат хибридни, како ќе одлучат професорите со што опадна нивото на квалитетот, вели Ефтимов.

Тој додаде дека оваа година се нанесе огромна штета на генерациите што во иднина многу ќе се одрази кога дополнително ќе се намали нискиот квалитет што студентите го стекнале за време на образовниот процес.

Новинарката Ангела Петровска посочи дека младите недоволно се вклучени во медиумите. Според неа, нашето општество и медиумите се најмногу засегнати за политика, а младите се опфатени единствено кога има промена во некој младински закон.

– Најголем проблем за младите се финансиите. Доколку тие сакаат да имаат добро образование, здравство, мора да имаат финансии, а на младите не им се дозволува тоа бидејќи има голема стапка на невработеност и немаат многу опции за работа, додаде Петровска.

Во рамки на образованието, Петровска конкретно ги посочи студентите кои студираат новинарство на Правниот факултет, кои, според неа, немаат доволно пракса, учат непотребни предмети и немаат доволно опции за работа.

Ермин Климента како ИТ техничар посочи дека самата работа го има подготвено константно да работи од дома, па не почуствувал никаква  промена во начинот на живеење.

– Многу е важно да се потенцира менталното здравје на младите, треба да се даде поголем акцент на тоа седење дома, затворен во еден вид на балон, предизвикано од кризата, што бара многу специфична ментална состојба кај луѓето. Јас го знам ова бидејќи долго време работам во домашни услови и знам како е кога имаш рокови, стрес и како е да си сам, истакна Климента.

Тој нагласи дека компанијата каде што работи постојано се фокусира на тимска работа, меѓусебна поддршка и комуникација, за да не се почуствуваат изолирани.

На панел дискусијата беше истакнат и Законот за младинско учество и младински политики, што беше донесен на почетокот на оваа година.

– Законот е значаен од повеќе аспекти, првично од процесот преку кој се донесе затоа што тоа беше голем, широк и долг процес се со цел да се донесе вистинско и функционално законско решение. Ги препознава младинските организации и организации за млади, обезбедува младинско учество на локално ниво, но и преку национално младинско претставничко тело, истакна Спировска.

На почетокот на 2020 година беше предвидено да се отвори првиот регистар, но поради кризата дојде до одлагање, па регистарот беше отвори во првата половина од декември.

Спировска нагласи дека регистарот е појдовна точка од која што понатаму ќе се формира Национално претставничко тело за млади и ќе бидат застапени младите преку истото. На локално ниво е предвидено во секоја од општините да се формира Совет, што на ниво на општина ќе ги пренесува проблемите и интересите на младите.

Во однос на ЕРАЗМУС програмата многу мал број на студенти ги користат бенефициите што ги нуди програмата. Ефтимов истакна дека во март оваа година беше предвидено да се формира Европска студентска мрежа што ќе им помогне на студентите од нашата држава полесно да учествуваат во ЕРАЗМУС програмата.

На прашањето кои се предизвиците и перспективите на младите за следната година Спирковска истакна дека треба да се разгледаат барањата на младите од оваа година, тука спаѓаат повеќе области од квалитетно образование, полесно вработување, поддршка на младите, поттикнување на волонтерство и слично.

Во однос на студентите, Ефтимов посочи дека голем предизвик ќе биде Законот за младински стандар со кој се уредува стипендирањето, домувањето, здравство, културата за студентите. Тој додаде дека во однос на Законот како студенстко собраните бараат да се воведе нов елемент, менталното здравје на младите, односно бесплатни служби за психолошко советување во рамки на Универзитетот.

Петровска истакна дека младите треба да имаат повеќе можности за образование, работа, финансии, здравство, но е скептична околу остварување на тие потреби. Таа нагласи дека целото општество треба да се промени од корен со цел да се создадат некакви услови за сите.

Климента посочи дека младите треба да излезат од таа апатична состојба во која што се наоѓаат и да се вклучат во организации, да гласаат и да бидат активни со случувањата во општеството.

Модераторот на дискусијата, Дехран Муратов нагласи дека при анкетирање на неколку функционери е утврдено дека малдите не се отселуваат пред се за да заработат пари, туку заради системот и квалитетот на животот. Веројатно кога системот би бил функционален, младите не би заминувале во Европа, туку би ја донеле Европа кај нас, заклучи тој. ки/сп/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close