0_Македонија.ПорталОпштество

Панел дискусија: Сајбер нападите се сериозни кривични дела и треба да се санкционираат

Сајбер нападите врз интернет медиумите се сериозни кривични дела, a постои голема можност истите да се случат пред изборите. Ако ние како потенцијална членка на НАТО не сме способни да се избориме со ваквите предизвици, тоа во одредена мера ќе не компромитира. Токму затоа е неопходна поголема компјутерска безбедност, но и поголема информираност на граѓаните за овој проблем, беше заклучено на денешната панел дискусија на ЦИВИЛ „Сајбер нападите -предизборно оружје“ во Скопје.

Скопје, 6 февруари 2020 (МИА) – Сајбер нападите врз интернет медиумите се сериозни кривични дела, a постои голема можност истите да се случат пред изборите. Ако ние како потенцијална членка на НАТО не сме способни да се избориме со ваквите предизвици, тоа во одредена мера ќе не компромитира. Токму затоа е неопходна поголема компјутерска безбедност, но и поголема информираност на граѓаните за овој проблем, беше заклучено на денешната панел дискусија на ЦИВИЛ „Сајбер нападите -предизборно оружје“ во Скопје.

Филип Стојановски, од Метармофозис на дискусијата истакна дека сајбер нападите се сериозна закана но не само во нашата држава туку во целиот свет.

Како што појасни, веб сајтовите на медиумите не се единствени што се изложени на овој вид напади, туку понекогаш тоа може да бидат и државните институции како што се банки, финансиски институции, но за ова не се зборува многу во јавноста, бидејќи како што додаде, нападнатите не сакаат да бидат претставени како жртви или како недоволно заштитени.

Доколку се работи за институции кои чуваат доверливи податоци и информации, или парите на граѓаните, Стојановски смета дека овие напади можат да бидат сериозна закана.

-Во нашата земја постои историја на сајбер напади врз веб сајтови на медиуми и врз веб сајтови на граѓански организации. Може да идентификуваме два типа на сајбер напади кои се најчести кај нас. Едните се директно хакирани од типот на одреден веб сајт или компјутерска мрежа е нападната со цел да се влезе во неа, да се искористат тие ресурси или да се направи некоја штета. Вториот тип се напади кои доаѓаат од мрежи на компјутери и кои праќаат пораки односно барање за некаков пристап или содржина, рече Стојановски.

Според него, граѓаните треба да бидат еден од факторите кои ќе бараат одговорност и квалитетот на медиумите.

-Сајбер нападите според нашиот закон е кривично дело кое повлекува повеќегодишна затворска казна. Таквото однесување може да биде и дел од некакво поголемо криминално здружување значи уште едно кривично дело организиран криминал, злосторничко здружување, рече Стојановски и додаде дека за нашата држава е клучно да градиме доверба во институциите

Реагирањето во однос вакви случаи, во однос на говорот на омраза на интернет, но и во однос на злоупотреба на компјутерски системи во која било форма, според Стојановски е исклучително важно бидејќи со тоа и на граѓани ќе им се даде до знаење за висината на опасноста, но и посветеноста на државата за нивната безбедност, која што е основа и за слободата на изразување.

Според Сашо Ордановски, новинар од Слободен печат, портал што минатата недела беше изложен на сајбер напад, зад ваков вид напади не стојат луѓе кои се шегуваат со компаниите.

Се работи, како што појасни тој на денешната дискусија, за промислен, организиран и смислено изведен напад. Затоа, рече дека е добро државата сериозно да се позанимава со целиот тој проблем.

-Не е толку страшно кога ќе биде хакиран интернет медиум. Но, кога ќе биде срушена енергетска или водоводна компанија, пензиски фонд или пак Државна Изборна Комисија, последиците ќе бидат огромни. Ако вие го срушите системот на скопските клиники, ќе имате смртни последици, барем за 15 операции што се во тек. НАТО интересите околу нашата земја се политички и безбедносни интереси кои се дефинирани од сите можни апсекти. Ако најновата членка на НАТО не е способна да се носи со тој тип предизвици, тоа нас во извесна мерка ќе не компромитира, рече Орданоски.

Според него, институциите треба одговорно, согласно надлежностите да ги спречат и санкционираат овие напади, особоено бидејќи сме во еден деликатен и бурен период на предизборие, кога треба да имаме информирано граѓанство што ќе може да се справи со предизвиците што ни претстојат.бт/скс/

 

 

 

Back to top button
Close
Close