Дописници МКДОпштински вести

Пандемијата удри врз приходите на штипската Клиничка болница

Ковид-19 удри врз приходи на болниците во земјава, а драстично се намалија и во штипската Клиничка болница. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев појаснува дека дел од средствата добиваат од Фондот за здравство, но имаат и сопствени приходи, преку наплата на партиципација и други плаќања, кои учествуваат во буџетот на болницата.

Штип, 19 септември 2020 (МИА) – Ковид-19 удри врз приходи на болниците во земјава, а драстично се намалија и во штипската Клиничка болница. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев појаснува дека дел од средствата добиваат од Фондот за здравство, но имаат и сопствени приходи, преку наплата на партиципација и други плаќања, кои учествуваат во буџетот на болницата.

– Со почетокот на кризата и прекинот на работата на сите амбуланти и на сите оние процедури, како што се хирушки, драстично намалување на бројот на хоспитализирани пациенти, драстично се намали и приходот на болницата. Само за илустрација можам да ви кажам, ако во нормални околности имавме дневен прилив од 120.000 до 140.000 денари, во оние најкритични периоди, кога почна пандемијата се случуваше да имаме 6.000 до 7.000 денари само влез на средства во нашата болница, вели Ѓеорѓијев.

Поради намалениот приход во болницата, во периодот на пандемијата се соочиле со проблеми во делот на набавката на заштитната опрема за медицинскиот персонал.

– Со почетокот на кризата имавме драстично зголемување на цената, имаше период, во којшто потешко се доаѓаше до лична заштитна опрема. Имавме голем одлив на средства. Така да во изминатите шест месеци, ние како Клиничка болница се соочивме со големи проблеми, бидејќи имавме драстично намален прилив на средства, драстичен одлив на средства, како резултат на пандемијата, вели Ѓеорѓијев.

Забележува дека имаат посебна ставка во буџетот со која се борат со коронакризата, а над шест милиони денари се потрошени за лична заштитна опрема.

– Еве само една илустрација, каде уште имаме енормно зголемени расходи, да речеме тоа е набавката на кислород. Ако во нормални околности, сме користеле одредена количина за една година, сега целата количина што е за една година е потрошена некаде за четири месеци. Значи секојдневно се користат големи количини на кислород, поради коронаинфекцијата. Така да, тоа е уште една ставка, која е одлив на средствата. Меѓутоа во изминатите два месеца пополека почнаа работите да се стабилизираат, вели Ѓеорѓијев.

Тој за МИА вели дека на почетокот на септември почнала работата на амбулантите, како и хирушките интервенции, засега во помал обем и во тој дел, како што вели Ѓеорѓијев, почнуваат да се стабилизираат.

Штипската Клиничка болница во моментов се соочува и со помал број на лекари, кои работат на Инфективното одделение, кое е од регионален карактер. Едниот инфектолог е на боледување, а инфектологот од Струмица, кој доаѓаше на помош на своите колешки, сега ќе остане во својата матична установа, поради зголемиот број на позитивни случаи на пациенти од Струмица и југоисточниот регион. Локалните власти и болниците си ги имаат завршено обврските околу поставувањето на новите монтажни Ковид центри, сега се чека само на Министерството за здравство. Во Штип треба да се постави во близина Детското одделение, а ќе има капацитет за 42 пациенти. вдј/мс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close