0_Македонија.ПорталБизнисБизнис.ПорталБизнис.СлајдерЕкономија

Овозможена промена на договорните услови и за одобрените кредити од 1 до 24 март годинава

Советот на  Народната банка на редовна седница донесе регулаторни измени со коишто се овозможува банките и штедилниците со промена на договорните услови да го олеснат финансискиот товар и на кредитокорисниците на кои кредитот им е одобрен во периодот од 1 до 24 март оваа година.

Скопје, 29 април 2020 (МИА) – Советот на Народната банка на редовна седница донесе регулаторни измени со коишто се овозможува банките и штедилниците со промена на договорните услови да го олеснат финансискиот товар и на кредитокорисниците на кои кредитот им е одобрен во периодот од 1 до 24 март оваа година.

Поконкретно, со одлуката донесена во текот на минатиот месец беа опфатени кредитокорисниците коишто до крајот на февруари немале проблем со отплатата на кредитните обврски. Со донесените дополни регулаторни измени, сега се овозможува ист третман и на клиентите на банките и штедилниците коишто добиле кредитна поддршка во текот на март, до стапување во сила на регулаторните измени согласно со коишто веќе беа објавени понуди за одложување на наплатата на кредитните обврски.

Советот донесе и одлука со којашто се укинува надоместот за давање податоци на физички лица од Кредитниот регистар на Народната банка за нивната задолженост кон банките и штедилниците. Понатаму, сите граѓани коишто ќе имаат потреба, потврдата од Кредитниот регистар ќе ја добиваат бесплатно, со што ќе се придонесе за олеснување на нивниот финансиски товар, соопшти по седницата Народната банка.

Донесени се и измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, со коишто се обезбедува посоодветна примена на одредбите на Европската регулатива за капиталните барања.

Советот  на Народната банка, којшто на седницата ги усвоил и  Годишниот извештај за 2019 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2019 година, констатирал дека централната  банка успешно ги остварува своите цели, а банкарскиот систем е подготвен да се справи со шокот од корона-кризата.

– Како и кризните епизоди од минатото, така и глобалната корона-криза покажува дека за брза и ефикасна реакција, неминовно е постојано да се вложува во институционалниот капацитет, да се водат прудентни политики и да се создава простор којшто може да се искористи кога треба да се справуваме со шокови. И минатата година успешно ја одржавме ценовната стабилност преку одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и обезбедивме натамошно зајакнување на финансиската стабилност во економијата. Притоа, не само што водевме приспособлива монетарна политика, туку и презедовме низа активности насочени кон подобрување на целокупниот амбиент. Во исто време, постојано работевме на јакнење на нашиот институционален капацитет, истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во воведното обраќање на усвоениот Годишен извештај.

На крајот на минатата година, информира НБ, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,3 проценти, што е двојно повеќе од законски утврдениот минимум. Безмалку половина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на капиталните додатоци утврдени согласно со супервизорската оцена и на заштитните слоеви на капиталот, коишто, потенцира центраната банка, се особено значајни во кризни услови, кога може да се искористат за справување со предизвиците од различна природа. Спроведеното стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и банкарскиот систем во целина, минатата година отпорноста на шокови е зголемена, споредено со 2018 година.

Како што е посочено во Извештајот, во текот на минатата година, ликвидносната позиција на банките дополнително се подобри, главно поради растот на ликвидните средства, којшто е највисок во последните девет години.

Во овој период, токму структурниот вишок на ликвидноста и добрата капитализираност на домашните банки, придонесуваат за нивниот солиден капацитет и подготвеност да излезат во пресрет на потребите на своите клиенти. Особено значајно е и што минатата година, изложеноста на банкарскиот систем на кредитниот ризик е намалена. Стапката на нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор се намали до историски најниско ниво од 4,8 проценти, односно 95,2 проценти од кредитите на банките се сервисираат редовно или со задоцнување најмногу до 90 дена, велат од Народната банка. лв/сп/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close