0_Македонија.ПорталХроникаХроника.Портал

Јовановски презентираше околу 1.600 фотографии како доказ, утре ќе се презентираат делови од „Империја“ во одбрана на Јанева

Во Кривичниот суд денеска осомничениот Бојан Јовановски - Боки 13 презентираше околу 1.600 инстаграм-фотографии, со цел да докаже дека запленетите парчиња гардероба и аксесоари не се купени со парите од поткупот.

Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Во Кривичниот суд денеска осомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 презентираше околу 1.600 инстаграм-фотографии, со цел да докаже дека запленетите парчиња гардероба и аксесоари не се купени со парите од поткупот.

Имено, Јовановски за секоја фотографија одделно наведе од кој бренд се парчињата кои ги носи и на кој датум е направена објавата.

Тој напомена дека инстаграм-фотографиите можат да се приложат како доказ затоа што на социјалните мрежи се регистрира датумот и времето кога е направена објавата.

Боки 13 истакна дека тие предмети што ги опишува се одземени од Обвинителството.

Прикажаните фотографии се направени во период од 2013 до 2019 година.

Адвокатот на осомничениот Јовановски, Сашо Дуковски изјави дека му стигнало вештачењето од телефонот на Јовановски, но напомена дека треба да го прегледа материјалот пред да биде приложен како доказ.

На следното рочиште, што ќе се одржи утре, ќе се презентираат делови од случајот „Империја“ во одбрана на поранешна главна јавна обвинителка Катица Јанева.

Како први сведоци на Јанева се предложени обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски и Трајче Пеливанов.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.см/дма/

Back to top button
Close
Close