0_Македонија.ПорталОпштествоОригинални текстови

Отворено писмо од проректорите на УКИМ до ректорот Јанкуловски

Со оглед на срамниот факт дека хаосот на УКИМ продолжува, а поради неможноста за комуникација со Вас на вообичаен начин, должни сме повторно да Ве известиме, Вас и академската и пошироката јавност, дека ова што се случува на УКИМ, како најголем и најстар универзитет, го тресе не само УКИМ, туку и темелите на државата.

20 јуни 2020

Почитуван ректоре,

Со оглед на срамниот факт дека хаосот на УКИМ продолжува, а поради неможноста за комуникација со Вас на вообичаен начин, должни сме повторно да Ве известиме, Вас и академската и пошироката јавност, дека ова што се случува на УКИМ, како најголем и најстар универзитет, го тресе не само УКИМ, туку и темелите на државата.

На 11.6.2020 година Вие јас свикавте 251. Седница на Ректорската управа, согласно Правилникот за начинот на реализација на дејностите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и единиците во неговиот состав согласно со мерките на надлежните органи во Република Северна Македонија за спречување на внесување и ширење на коронавирусот CoVid-19 („Универзитетски гласник“ бр. 489/2020 и бр. 489/2020-Анекс). Седницата беше закажана за денес 19.6.2020, со физичко присуство на членовите на управата, со почеток во 12.00 ч.

На 18.6.2020 година, го сменивте планот и по електронска пошта, попладне, по работното време ги известивте деканите и директорите дека седницата ќе биде одржана по електронски пат или поточно по мејл (со за вас омиленото Replay to All), иако на УКИМ постои платформата Microsoft Teams која сме ја користеле и досега . И повторно ректоре, со единствена цел со електронската седница да избегнете соочување со деканите и директорите, евентуални прашања за сите непријатни и незаконски случувања на Универзитетот, избегнувањето да дадете објаснувања, а се разбира и контролирањето на евентуалните дискусии и прашања. Како поинаку да биде сфатен Вашиот мејл-упатство за тоа како ќе тече седницата. Вие им пишувате на сите членови на Ректорската управа, дека „од 10.00 до 11.30 часот може да ги достават нивните евентуални дискусии. Од 11.30 до 12.00 часот ќе се гласа за дневиот ред. Седницата ќе биде затворена во 13.00 часот.“

Вие почитуван ректоре, не сте љубител на дебати и дискусии, но кој Ви дава за право да ја убивате дебатата и демократијата на УКИМ? Во овие клучни моменти и намерно генериран хаос на Универзитетот, вие барате пред одржувањето на седницата дискусите да Ви се достават во писмена форма? Дали тоа прилега на слободомислечка академска средина?

Уште повеќе, со денешнава седница внесовте дополнителни нејаснотии, но едновремено уште еднаш на површина излегоа намерите.

Во време на вонредна состојба на државата, прогласена од 15.6.2020 година, Универзитетската изборна комисија не ги запре активностите на изборната постапка за избор на ректор, со образложение од службите од ректоратот дека Уредбата на Владата веќе не важи. Уште повеќе на факултетите писмено им е ставено до знаење дека ако

не се изберат изборни комисии, тогаш комисија ќе им биде определена од страна на Универзитетската изборна комисија.

И сега ректоре повторно дилема: Ако Уредбата на Владата не важи, зошто тогаш денешнава седница ја свикавте и претседававте со неа повикувајќи се на Правилник донесен врз основа на Уредбата? Уредбите и законите не се самопослуга, па да земете тоа што сакате? Зошто претходната седница ја одржавте со физичко присуство, а во текот на неделата сите насатавно-научни совети одржаа седници врз основа на вашето барање, исто така со физичко присуство? Зошто не ги послушавте мислењата и предлозите од деканите и директорите кои изразија револт од начинот на одржување на седницата? Зошто конечно ректоре не го послушавте и нашето укажување, итно да свикате вонредна седница и да ни одговорите на некои прашања?

И на крајот, бидејќи сите наши обиди за вразумување, не вродија со плод, а состојбата на УКИМ е многу посериозна отколку што тоа од надвор изгледа, јавно ги повикуваме институциите во државата, Министерот за образование и наука, Просветниот инспекторат, Комисијата за спречување на корупција и други, итно да преземат мерки, да ги запрат незаконските постапки на УКИМ и да покажат дека законите во државата мора да важат за сите.

 

Проректори на УКИМ:

проф. д-р Вујица Живковиќ

проф. д-р Владимир Петрушевски

проф. д-р Гордана Јосифова-Неделковска 

__________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close