0_Македонија.ПорталКултураКултура.ПорталКултура.СлајдерОпштество

Отворен фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, Мисовски рече дека музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија, дел од светското културно наследство, но во исто време тие претставуваат значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.

Битола, 27 јули 2021 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија како претставнички дом на граѓаните чија што улога е, и да биде дел од ваквите традиции е горд покровител на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“, истакна потпретседателот на Парламентот Горан Мисовски синоќа во Битола.

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, Мисовски рече дека музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија, дел од светското културно наследство, но во исто време тие претставуваат значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.

-Мисијата на ансамблите е благородна и заслужува почит. За Балканот и за балканските народи е карактеристично тоа што секогаш се почитувале убавата песна и виртуозната игра на орото и на другите, а тоа се почитува и преку оваа фоклорна манифестација во Битола која срдечно и топло ги рашири рацете и ги отвори портите за да прими во свето недро автентични претставници на светската фолкорна ризница, посочи Мисовски.

Поздравна реч на отворањето одржа и Филип Бусон, претседател на Светската асоцијација на фолкорни фестивали-ЦИОФФ која како што рече претставува чувар на движното културно наследство.

-Ние сакаме светот да разбере дека ЦИОФФ придонесува за развој на живите традиции. Знам дека не е лесно да се организира културен настан во време на пандемија и затоа им честитам на организаторите и на учесниците кои допатуваа во Битола за да танцуваме заедно, да свириме заедно, да пееме заедно и да изградиме поубав свет заедно, рече меѓудругото  Бусон.

Во името на градот домаќин, гостите ги поздрави Татјана Крнчева, членка на Советот на Општина Битола која истакна дека фестивалот „Илинденски денови“ повеќе од пет децении е нераскинлив дел од Битола и од светскиот фоклорен свет.

-Илјадници народни уметници, многубројни посетители инспирирани и водени од автентични културни вредности се дел од мозаикот на овој фестивал, толку жив и толку колоритен, како секоја од носиите што продефилирале, како секоја од песните што прозвучиле, нагласи Крнчева, а добредојде на сите гости што присуствуваа на свеченото отворање им посака директорката Маја Андоновска Илијевски која потсети дека музиката е универзален јазик на човештвото и затоа на фестивалот во Битола се зборува на еден јазик, пеејќи и танцувајќи.

На првата фестивалска вечер, синоќа во амфитеатарот на Хераклеја Линкестис настапија националните ансамбли „Танец“ од Скопје и „Ладо“ од Загреб.мт/лв/

 

Back to top button
Close
Close