Граѓански секторОпштество

Отворен е конкурсот за годишните награди на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија, традиционално секоја година доделува две награди за новинари, наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство.

Скопје, 23 јануари 2020 (МИА) – Здружението на новинарите на Македонија, традиционално секоја година доделува две награди за новинари, наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство. Во денешното соопштение на ЗНМ, се вели дека од претходната година, по одлука на Управниот одбор, Здружението на Новинари на Македонија, доделува уште една награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за новинари од внатрешноста на С. Македонија.

– За наградата за животно дело кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Во пријавата, освен личните податоци на кандидатот и кратка биографија, се доставува и образложение за остварувањата на кандидатот, што оставиле посебна трага во македонското новинарство”, информираат до ЗНМ.

Дополнително од ЗНМ, велат дека кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари, односно медиумските продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во текот на 2019 година во медиумите во С. Македонија, посветени на важни прашања за пошироката заедница.

– Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, како и кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални и поткрепени со факти проверени од разни извори на информации. Пријавата може да содржи најмногу два новинарски продукта кои се објавени во текот на минатата година”, се вели во соопштението на ЗНМ.

За наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2019 година, од ЗНМ додаваат дека се пријавуваат новинари кои имаат објави во локални или регионални медиуми или се дописници на национални медиуми во државата. Пријавата и за оваа категорија може да биде поднесена од самиот новинар или по предлог на тројца колеги. И за оваа награда новинарите може да аплицираат најмногу со два новинарски продукта кои биле објавени во текот на минатата година.

Објаснувајќи го начинот на аплицирање од таму истакнуваат дека во апликацијата за наградата за истражувачко новинарство и новинарско известување на теми од локално и регионално значење потребно е да стои функционален линк од објавата, а доколку се доставува во печатена форма материјалот треба да биде испечатен или снимен на CD/USB.

Пријавите треба да се достават до ЗНМ најдоцна до 12 февруари 2020 година и тоа по електронска пошта на: contact@znm.org.mk, по препорачана пошта, адресирани на: Здружение на новинарите на Македонија, Градски Ѕид, блок 13, 1000 Скопје, РСМ или лично во канцеларијата на ЗНМ. Пријавите треба да бидат означени: „За НАГРАДА“ во предметот на електронската порака или напишано на ковертот.

Меѓу другото од ЗНМ, потенцуваат дека на добитникот на награда за животно дело ќе му се додели плакета, додека за најдобрата истражувачка сторија и за наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2019 година, наградените ќе добијат плакета, како и парични награди во износ од 1.000 евра по награда. Изборот на добитниците ќе го изврши Комисија за доделување на наградите на ЗНМ. оџ/скс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close