Дописници МКДОпштински вести

Отворен Центар за односи со корисници во комуналното претпријатие „Водовод“ во Кочани

Во комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани денеска беше отворен Центар за односи со корисници, како дел од компонентата за негов институционален развој.

Кочани, 16 јуни 2021 (МИА) – Во комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани денеска беше отворен Центар за односи со корисници, како дел од компонентата за негов институционален развој.
Отворањето на Центарот е дел од реализацијата на проектот за третман на отпадните води, финансиски поддржан од владата на Швајцарија, од локалната самоуправа на Кочани и со сопствени средства на претпријатието.
– Одамна имавме потреба од подобрување во делот на административното работење и за нас ова е важна придобивка затоа што граѓаните, кои се наши корисници, на едно место ќе можат да ги добијат неопходните услуги. Тоа значи дека плаќањето сметки, склучувањето договори за услуги или за одложено плаќање, доставувањето барања, поплаки и друга документација ќе се извршува во просториите на Центарот. Истовремено, ќе се обнови и базата на податоци со телефонски броеви и електронска пошта на корисниците, што ќе ги олесни и унапреди контактите со нив, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.
Адаптацијата и опремувањето на просториите, што се во непосредна близина на управната зграда на претпријатието, е сопствено учество на „Водовод“ во комплетирањето на проектот за собирање и пречистување на отпадните води во регионот.
– Добриот и функционален однос со корисниците е од клучно значење за претпријатието кое ја презеде обврската за тоа, а со новите и подобрени услови се очекува граѓаните да ја поддржат неговата основната цел – да обезбеди квалитетни и достапни услуги што ќе бидат одржливи. Тие се свесни за големата поддршка што ја дава Швајцарија за инфраструктурни инвестиции, а „Водовод“ и неговиот персонал добиваа и ќе добиваат помош за уште поефикасно работење, истакна Клиф Хамер, преставник од швајцарскиот Државен секретаријат за економски прашања (SECO).
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, од име на граѓаните на општината упати благодарност за швајцарската поддршка во унапредувањето на услугите и на односите во заедницата, како и за подобрувањето на работењето во јавното комунално претпријатие.та/фф/

Таг
Back to top button
Close
Close