0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталПолитика

Османи: Без законот за ЈО им се дава аргумент на ЕУ-земјите што се против преговори

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е во еднодневна посета на Брисел каде што презентира извештај подготвен со Обединетите нации, за МИА вели дека има позитивни сигнали за почеток на преговорите со ЕУ пред мај, но останува важно законот за јавно обвинителство (ЈО) да се донесе со консензус во Собранието за да им се одземат аргументите на оние земји што се против проширувањето на ЕУ.

Брисел, 28 јануари 2020 (МИА) – Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е во еднодневна посета на Брисел каде што презентира извештај подготвен со Обединетите нации, за МИА вели дека има позитивни сигнали за почеток на преговорите со ЕУ пред мај, но останува важно законот за јавно обвинителство (ЈО) да се донесе со консензус во Собранието за да им се одземат аргументите на оние земји што се против проширувањето на ЕУ.

И покрај тоа што законот за ЈО не е запишан како формален услов од страна на Европската Унија, како и тоа што прашањето е де факто решено, вицепремиерот инсистира на важноста од политички договор околу ова прашање.

– ЈО не е формален услов, а прашањата што требаше да ги реши законот се веќе решени: предметите, архивата, вработените ги презема ЈО, што значи дека ЈО продолжува таму каде застана СЈО, можеби и подобро, кога гледаме што се случува, вели Османи, додавајќи дека „носењето на законот со консензус има и симболично значење, затоа што би покажале дека кога станува збор за висока, политичка корупција постигнуваме консензус, и тоа може да биде силна порака до земјите членки за спремноста за започнување преговори“.

Последниве денови, вели тој, е поголем оптимист околу носењето на законот. Сепак доколку не се донесе, тој стравува дека земјите членки ќе можат тоа да го искористат за потоа да го условат одржувањето на првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ, конференција која официјално го одбележува отпочнувањето на преговорите. Притоа тој предупредува дека недонесувањето на овој закон претставува ризик Северна Македонија да се најде и зад Албанија во проценката за реформскиот напредок.

– На земјите членки би им било полесно да кажат дека не сме подготвени, посебно кога Албанија ги исполнува деветте критериуми на Бундестагот, и замислете ситуација од први во пакетот да бидеме последни, Албанија со девет услови, а ние со минус еден, иако не е формален услов, објаснува вицепремиерот за МИА.

Следниот клучен европски совет на кој Северна Македонија би можела да се надева на долгоочекуваниот датум за преговори ќе се одржи кон крајот на март. Но, претходно земјите членки на ЕУ очекуваат Европската комисија да објави извештај во кој ќе ја понуди реформата на методологијата на преговорите што ја бара Франција од октомври. Извештајот требаше да биде објавен утре, но е одложен за петти февруари, потврдува Бујар Османи. Според неговите информации овој извештај ќе понуди три клучни промени во процесот на преговарање: одржување на ветувањата, политичко управување на процесот од страна на земјите членки и поголема динамичност.

– Политичкото управување значи вклучување на земјите членки во целиот процес на подготовки со цел да нема изненадувања на самите совети на ЕУ, односно експертите од земјите членки да можат да го следат процесот од почеток до крај, за да не бидат запознаени со исходот на самиот совет, вели вицепремиерот.

Односно, да не се повтори изненадувањето од октомври, кога Франција и покрај сиот оптимизам на мнозинството земји членки и исполнетите услови од страна на Северна Македонија се спротивстави на почетокот на преговори.

Извештајот би требало да воведе и нов вид групирање на поглавјата на преговори, вели Османи, а тоа значи дека наместо 33-те поглавја ќе се воведат пет таканаречени „кластери“.

Бујар Османи во Брисел презентираше заеднички извештај на Секретаријатот за европски прашања и канцеларијата на Обединетите нации за развој, УНДП. Извештајот претставува увид во состојбата на Северна Македонија во 2035-та со и без започнати преговори со Европската Унија, разликите во сценаријата се драстични, според резултатите на анализата.

– На пример, ако сега невработеноста е 17 отсто, со започнати преговори, во 2035-та би имале седум отсто невработеност, додека без преговори би паднале максимум на 14 отсто, но не би можеле под тоа. Тоа е огромна разлика. Друг пример е животниот век на граѓаните, којшто сега е 75 години. Без преговори во 2035 би бил 77години, а со започнати преговори 82 години, објаснува Османи за МИА.

Тој додава дека е „важно да знаат граѓаните дека со секоја пропуштена шанса од страна на владите и политичарите директно им се одземаат години живеење, квалитет на живот, економски стандарди“.

Извештајот исто така утврдува дека иселувањето на луѓето, посебно на младите, не се должи на недостатокот од работни места, туку на малите плати што се нудат, а за зголемување на растот и подобрувањето на економските услови, преговорите со ЕУ се клучен фактор.

– Луѓето не заминуваат надвор затоа што нема работни места, туку затоа што платите не го следат животниот стандард, имаме доста странски инвестиции кои тешко наоѓаат работници, прво затоа што нема квалификувана работна сила, а второ е поради малите плати. Само преговорите и европскиот пат водат до подобрување на стандардот, единствениот начин да ги задржиме во државата или да ги вратиме е да почнеме преговори, бидејќи тоа е единствената моторна сила за да стигнеме до половина од европскиот стандард до 2035, а целосна конвергенција 2050. Ова сценарио е само со преговори. Може да замислите без преговори и без ЕУ како ќе биде, коментира вицепремиерот. тм/вг/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close