Дописници МКДОпштински вести

Ѓорѓи Николов единствен Македонец на овогодишниот Игмански марш

Шеесетгодишниот Ѓорѓи Николов од Кочани, кој е еден од основачите и долгогодишен член на здружението „Јосип Броз Тито“, беше единствениот Македонец кој учествуваше на одбележувањето на 78-годишнината од историскиот Игмански марш во Република Босна и Херцеговина.

Кочани, 29 јануари 2020 (МИА) – Шеесетгодишниот Ѓорѓи Николов од Кочани, кој е еден од основачите и долгогодишен член на здружението „Јосип Броз Тито“, беше единствениот Македонец кој учествуваше на одбележувањето на 78-годишнината од историскиот Игмански марш во Република Босна и Херцеговина.

На маршот годинава имаше над 20 илјади граѓани од сите републики и покраини на некогашна Југославија, како и антифашисти од Австрија, Италија и Русија. Николов, кој меѓу граѓаните на Кочани е познат под прекарот Тито, ја имал честа од името на македонскиот народ да им се обрати и да ги поздрави учесниците на маршот.

– Чест ми е што бев дел од огромниот број почитувачи на славното историско минато од Втората светска војна, во кое значајно место има токму маршот на планината Игман, во должина од 11 километри. Имавме зимски услови и снег, како што имале партизанските борци пред многу децении, но вистинско задоволство за сите учесници преставуваше сознанието дека меѓу нас е единствениот сè уште жив борец Албин Приберник од Словенија, кој тогаш имал само 12 години, истакна Николов.

Во рамки на свеченоста на падините на планината Романија, се одржал голем историски час како потсетување на настанот што се одиграл во периодот на Втората непријателска офанзива.

Игмански марш е една од најголемите воени операции што ноќта меѓу 27 и 28 јануари 1942 година ја организирал штабот на Првата пролетерска ударна бригада за да го избегне опколувањето од германските фашисти. Околу 500 борци по висок снег и температура од минус 38 степени целзиусови, по пешачење од 19 часа успеале да стигнат на слободната територија во градот Фоча. та/мс/

Back to top button
Close
Close