Дописници МКДОпштински вести

Општинскиот кризен штаб во М. Каменица заседаваше по зголемениот број на случаи со Ковид-19

Зголемениот број активни случаи со Ковид-19 беше причината денес да заседава Општинскиот штаб за заштита и спасување во М.Каменица.

Македонска Каменица, 30 октомври 2020 (МИА) – Зголемениот број активни случаи со Ковид-19 беше причината денес да заседава Општинскиот штаб за заштита и спасување во М.Каменица. На состанокот со релевантните фактори беше разгледана новонастанатата состојба и притоа констатирано дека во Македонска Каменица во изолација се 23 лица, од кои 9 лица се инфицирани со Ковид 19. Сите лица, според извештајот на Полициското одделение во Македонска Каменица ги почитуваат решенијата за изолација и се придржуваат кон пропишаните ограничувања за движење, за време на периодот во изолација.

Во рамки на состанокот претставници на воспитно образовните институции истакнаа дека се почитуваат сите мерки и протоколи за работа во услови на пандемија, со тоа што се врши редовна дезинфекција на сите работни простории, а обезбедени се и сите потребни услови за одржување на и колективна хигиена.

– Во таа насока и во согласност со новите рестриктивни мерки од Владата, Комисијата за заразни болести и досегашните заклучоци од работата Општинскиот штаб за заштита и спасување, на денешниот состанок донесе заклучок да продолжат редовните и да се воведат вонредни акции за темелна дезинфекција на фрекфентните јавни површини. Активностите ќе ги реализираат екипи на Јавното претпријатие ,,Камена Река” и ТППЕ Македонска Каменица кои со редовна дезинфекција ќе ги опфатат сите јавни и фрекфентни површини во Македонска Каменица како плоштад, плочници, паркови, урбана опрема, простори пред аптеки, банки, маркети, градски пазари и влезовите со заедничките простории во станбените живеалишта, информираа од Општинскиот штаб за заштита.

Оттаму во соработка со Државниот пазарен инспекторат и МВР најавија продолжување на редовните времени контроли врз начинот на работењето на казината, обложувалниците, трговско-угостителските и производствените објекти на територија на општина Македонска Каменица во однос на почитувањето на работното време и протоколите за заштита и спречување на ширење на Ковид 19.

Воедно тие упатија апел граѓаните да избегнуваат групирање и движење во група на отворен и затворен простор во одредени периоди од деноноќието утврдени со закон.

– Врз основа на досегашните и новопропишани мерки и препораки од Владата, а во насока на зголемена безбедност и спречување на ширење на заразата, на локалните, меѓуопштинските и подрачните институции во Македонска Каменица им се наложува да продолжат со вршење на редовна дезинфекција на канцелариските работни простории и дворните простори. Според насоките добиени во Дописот од Дирекцијата за заштита и спасување, се забранува користењето на сите детски забавни паркови и отворени детски игралишта на територијата на општина Македонска Каменица. Се наложува поставување на видно обележување за забрана за нивно користење, додадоа од Ошштинскиот кризен штаб во М.Каменица.

Во меѓувреме како што додадоа Општина Македонска Каменица во соработка со Рудник Саса, ЈП Камена Река и воспитно образовните институции во градот ќе спроведе интензивна медиумска кампања, преку која директно ќе работи на подигање на свеста кај граѓаните и институциите за заштита на личното и јавното здравје.

Тие ги упатија заинтересираните граѓани кои живеат во индивидуални живеалишта, во текот на секој работен ден, од кругот на ЈП Камен Река, да се снабдат со дезинфекционо средство, кое рационално ќе го употребуваат во домашни услови како дел од заштитата од коронавирус. вс/оџ/

Back to top button
Close
Close