Дописници МКДОпштински вести

Општинскиот кризен штаб Куманово побара затворање на гинеколошко-акушерското одделение во болницата

Општинскиот кризен штаб Куманово на денешната седница повторно бара од здравствените власти привремено да го затворат гинеколошко-акушерското одделение, да се ангажираат стручни лица во Центарот за јавно здравје Куманово.

Куманово, 10 април 2020 (МИА) – Општинскиот кризен штаб Куманово на денешната седница повторно бара од здравствените власти привремено да го затворат гинеколошко-акушерското одделение, да се ангажираат стручни лица во Центарот за јавно здравје Куманово.

– Барање до Министерство за здравство и Комисија за заразни болести времено да се затвори гинеколошко-акушерско одделение во Општа болница – Куманово, поради новонастанатата состојба со зголемен број на здравствени работници кои се позитивни на тестовите за Ковид-19 и воедно да се изврши итна контрола на останатите болнички капацитети во Општа болница – Куманово, да се направи проценка за ризикот и да се овозможи непречена функционалност на останатите оддели во Болницата, како и да се обезбеди дополнителен капацитет на стручни лица во ЦЈЗ – Куманово, се вели во соопштението на штабот.

Оттаму бараат од Министерство за здравство, Комисија за заразни болести и Институтот за јавно здравје- Скопје да им дадат приоритет на тестовите за сите земени брисови на територијата на Општина Куманово за здравствените работници и навремено да го информираат Центарот за јавно здравје  – Куманово за позитивни и негативни резултати од тестовите, поради фактот, како што се наведува во соопштенито, дека за поголемиот број брисови што се испратени за анализа, не се добиваат резултати навремено, со што се креира нереална епидемиолошка слика во Општина Куманово.

– Барање до Владата да се донесе акт со кој ќе се регулира дистрибуцијата на хуманитарна помош до социјално загрозени семејства, поради фактот дека во поголем број случаи, одредени донатори при давање на хуманитарна помош ги прекршуваат препораките на Владата и ОШЗС – Куманово, и доаѓа до групно делење на хуманитарната помош и граѓаните се ставаат во несвесен ризик, се вели во соопштенито.

Од кумановскиот штаб бараат од економските оператори кои вршат онлајн достава на храна, за време на полицискиот час, да се ограничат на дистрибуција од едно место, по исклучок на маркетите кои имаат повеќе од десет продажни места, да се ограничат на две продажни места од каде ќе се дистрибуира храна. Штабот ја задолжи Општината, количините на гориво што се за потребите за чистење на речното корито, да се пренаменат на ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, за потребите за постапка за дезинфекција.

Оттаму апелираат до граѓаните да не ги користат детските катчиња кои претходно беа затворени и да не се собираат во групи повеќе од двајца, во спротивно МВР ќе постапува со казнување, согласно Закон и одлуки на Владата. Од штабот апелираа граѓаните да не ги злоупотребуваат броевите за социјални пакети и да ги користат исклучиво најзагрозените случаи од општината. ам/мс/

Back to top button
Close
Close