Дописници МКДОпштински вести

Општина Велес ќе добие студија за јавен градски превоз, кој ќе се заснова на потребите на граѓаните и вклучување на еколошки возила

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја одобри апликацијата на Општина Велес за реализација на проект за подготовка на Студија за јавен градски превоз. За проектот, кој е во вредност од околу 40 илјади долари, во текот на вчерашниот ден УНДП објави и тендер за изработка на физибилити студија за оптимална мрежа и систем на јавен превоз за Велес.

Велес, 12 мај 2021 (МИА) – Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја одобри апликацијата на Општина Велес за реализација на проект за подготовка на Студија за јавен градски превоз. За проектот, кој е во вредност од околу 40 илјади долари, во текот на вчерашниот ден УНДП објави и тендер за изработка на физибилити студија за оптимална мрежа и систем на јавен превоз за Велес.

Велешкиот градоначалник Аце Коцевски на денешната прес-конференција истакна дека оваа студија е од исклучително значење за граѓаните на Велес затоа што, како што рече, претставува основа за развој на јавен градски превоз креиран врз основа на потребите на граѓаните и со користење на сите мерки за развој на т.н зелена општина со вклучување на еколошки возила во јавниот превоз.

– Со овој документ ќе имаме можност во иднина да аплицираме на значајни проекти за развој на јавниот превоз, рече тој.

Коцевски појасни дека реализацијата на проектот претставува и конкретна реализација на една од најзначајните активности во рамките на План за одржлива урбана мобилност на Општина Велес за периодот 2019-2030 година.

 – Ги поканувам  сите стручни институции и експерти од областа на сообраќајот и развојот на јавниот превоз да се јават на тендерот распишан од УНДП и да придонесат за изработка на физибилити студија што ги исполнува сите европски и меѓународни стандарди, порача тој.
Коцевски истакна дека конечната вредност на овој значаен проект ќе биде позната по завршувањето на тендерската постапка.ад/фф/

Таг
Back to top button
Close
Close