Дописници МКДОпштински вести

Општина Тетово го отстрани проблематичниот „лежечки полицаец“, ќе се поставува нов со соодветен материјал

Општина Тетово ноќеска го отстрани оштетениот и проблематичен „лежечки полицаец“ (грпка) на „Индустриска улица“. Сега од локалната самоуправа најавуваат дека ќе поставуваат нова грпка но според законските прописи со друг соодветен материјал. Воедно ќе се продолжи и со намерата за повеќето мерки и активности со цел поголема безбедност на пешаците.

Тетово, 17 февруари 2021 (МИА) – Општина Тетово ноќеска го отстрани оштетениот и проблематичен „лежечки полицаец“ (грпка) на „Индустриска улица“. Сега од локалната самоуправа најавуваат дека ќе поставуваат нова грпка но според законските прописи со друг соодветен материјал. Воедно ќе се продолжи и со намерата за повеќето мерки и активности со цел поголема безбедност на пешаците.

-Грпката од булевар „Индустриска“ е отстранета и веќе до петок  ја очекуваме и дозволата од страна на надлежните органи за нејзино прописно поставување и истата ќе биде изработена  од соодветен материјал на истото место. Со поставување на соодветна сигнализација ќе започнеме кога временските услови ќе го дозволат тоа или поточно после 15 март. Со целосно уредување на овој патен правец планирано е да завршиме до крај на оваа година, изјави Снежана Новаковска, од канцеларијата за односи со јавноста при Општина Тетово.

Откако минатиот викенд беше поставена грпка изработена од градежен материјал и бетонски плочки таа се оштети и делови од целината се најдоа на коловозната лента. Поставување на ограда на средината од булеварот, обележани пешачки премини и сигнализација се активностите кои се планираат со цел поголема безбедност на пешаците.

До Секторот за внатрешни работи Тетово поднесен е проект за поставување на вештачки испакнатини, таканаречени „грпки“, на улицата „Видоја Смилевски-Бато“ во Тетово, што го изготвиле од тетовската локална самоуправа.

-Неодамна поставените „грпки“, пак, по барање на СВР Тетово, вчера (16 февруари) се целосно отстранети, бидејќи не ги исполнувале предвидените законски услови согласно член 351 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за средства за забавување на сообраќајот, соопшти Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Според СВР, со проектот, кој ќе ја добие потребната согласност од СВР Тетово, на неколку места на оваа улица ќе се постават вакви испакнатини, кои ќе бидат заокружени и со соодветни сообраќајни знаци и кои ќе бидат осветлени во вечерните часови. Со поставувањето на „грпките“ ќе се придонесе за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот и посебно на пешаците, дотолку повеќе што на овој потег се наоѓа и училиште, во кое се образуваат и најмлади основци. ас/дма/

Таг
Back to top button
Close
Close