Дописници МКДОпштински вести

Општина Куманово бара од ЈПДП да обезбеди соодветен алтернативен пат поради санацијата на „Искрин мост“

Општина Куманово бара од Јавното претпријатие за државни патишта да обезбеди соодветен алтернативен пат, соодветно обележан преку кој непречено ќе се одвива сообраќајот на жителите од селата до градот, поради санацијата на „Искрин мост“, наведуваат во денешното соопштение од Општината. Оттаму нагласуваат дека немаат надлежност за да бидат вклучени во овој процес.

Куманово, 26 јули 2021 (МИА) – Општина Куманово бара од Јавното претпријатие за државни патишта да обезбеди соодветен алтернативен пат, соодветно обележан преку кој непречено ќе се одвива сообраќајот на жителите од селата до градот, поради санацијата на „Искрин мост“, наведуваат во денешното соопштение од Општината. Оттаму нагласуваат дека немаат надлежност за да бидат вклучени во овој процес.

– Согласно со новонастанатата ситуација на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, поточно на мост на реката Пчиња (познат како Искрин мост) во атар на село Орашац, ги известуваме граѓаните на општина Куманово дека локалната самоуправа нема надлежност, ниту законска основа да биде вклучена во овој процес. Надлежни за решавање на овој проблем се Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Од Општина Куманово додаваат дека немаат добиено барање од надлежните органи за одобрение за алтернативен пат или известување дека поради санација, мостот ќе биде затворен.

-Општина Куманово нема добиено барање од надлежните органи за одобрение за алтернативен пат или известување дека на локацијата ќе бидат извршени следниве дејствија: мостот е затворен за сообраќај со банкини и количини тампон истурени на коловоз, нетампониран земјен алтернативен пат без соодветно обележување со информативни табли, небезбеден за сообраќај на патнички и товарни моторни возила, без сообраќајна сигнализација за забрана за движење на товарни моторни возила и за тоа не постои патоказ дека е алтернативен пат на делницата Куманово-Свети Николе, информираат од Општината.

Општина Куманово, се додава во соопштението, се оградува од новонастанатата состојба и смета дека Јавното претпријатие за државни патишта има должност и обврска пред затворањето на овој патен правец да обезбеди непречен и сигурен алтернативен пат, кој ќе биде во функција и непречено ќе се користи од страна на сите оние, кои имаат потреба да се движат на таа локација.

Општина Куманово потенцира дека дел од патот каде што се вршат градежни зафати, не се во нејзина надлежност, туку се дел од регионалната сообраќајна патна мрежа на Република Северна Македонија, се вели во соопштението. Поради тоа апелираат до надлежните институции што поскоро да изнајдат соодветно решение за непречено одвивање на сообраќајот.

– Службени лица од Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат при општина Куманово беа на погореспоменатата локација и во текот на денот доставија мислење до надлежните органи. Воедно, од страна на Општината е исконтактирано со Јавното претпријатие за државни патишта, од кое бараме во најкус можен рок да се уреди алтернативниот пат, како и соодветно обележи поради неопходност од непречено функционирање на патниот правец, кој има особено значење за граѓаните на општина Куманово, регионот и пошироко, стои во соопштението на Општина Куманово. ам/мд/

Таг
Back to top button
Close
Close