Дописници МКДОпштински вести

Општина Кочани и Здружението „Борка“ организираат кампања „Пешачењето е здравје“

Општина Кочани во соработка со локалниот огранок на Здружението за борба против рак на дојка и сите други видови рак „Борка – за секој нов ден“, организира кампања за промоција на здрав живот, под мотото „Пешачењето е здравје“.

Кочани, 9 јуни 2021 (МИА) – Општина Кочани во соработка со локалниот огранок на Здружението за борба против рак на дојка и сите други видови рак „Борка – за секој нов ден“, организира кампања за промоција на здрав живот, под мотото „Пешачењето е здравје“.

Во рамки на активноста, в сабота претпладне ќе се одржи рекреативно пешачење на релацијата од пред општинската зграда до локалитетот Гоцева Шума, при што ќе се користи новата пешачка патека од десната страна на Кочанска Река.

– Во активноста што ја организираме според Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите, сакаме посебно внимание да им дадеме на лицата што се борат со тешките болести, на нивните семејства и на сите жители на Кочани, упатувајќи пораки за важноста на физичката активност и на здравата храна. За таа цел со граѓаните што ќе се вклучат во прошетката е најавено учество и на лекари специјалисти, кои ќе споделат совети за одржувањето на виталноста и на здравјето на човекот, истакна Љубинка Ајтовска, координаторка за еднакви можности во Општина Кочани.

– Сите ние сме борки и борци во ова време на пандемија, сите минуваме низ тежок период на здравствена криза. Затоа, со овој настан сакаме да си дадеме поддршка едни на други и да се потсетиме дека природата има лек за сѐ, истакнаа Валентина Андонова, координаторка на локалното здружение „Борка“ – Кочани.

Општина Кочани и локалниот огранок на Здружениот „Борка“ ги покануваат сите љубители на пешачењето, без оглед на возраста и полот, да се приклучат на настанот и да дадат свој придонес во подигањето на јавната свест за неопходноста од рекреативна физичка активност. та/сст/

 

 

 

Таг
Back to top button
Close
Close