Општински вестиСкопје

Општина Карпош ја изгласа реализацијата на манифестациите за спортско и културно лето

Советниците од општина Карпош, во рамки на денешната 58. седница ја изгласаа реализацијата на манифестациите од областа на спортот и културата, кои традиционално се одржуваат во оваа локална самоуправа.

Скопје, 15 јули 2021 (МИА) – Советниците од општина Карпош, во рамки на денешната 58. седница ја изгласаа реализацијата на манифестациите од областа на спортот и културата, кои традиционално се одржуваат во оваа локална самоуправа.

Како што информираат од општина Карпош станува збор за 18. Меморијален турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“, кој ќе се одржи од први до осумнаести септември, годинава. За реализација на овој настан, Општината обезбеди 800.000 денари, а целта е да се стимулираат толеранцијата и меѓусебното разбирање, како и да се зајакнат меѓугенерациските различности, користејќи го спортот како значајна алатка.

-За поквалитетно културно и забавно анимирање на карпошани, од 26-28 август ќе се одржи „Карпошово Културно лето 2021“. Програмата на оваа манифестација треба да го изрази културниот и уметничкиот потенцијал на општина Карпош, преку учество на познати уметници од државава. За оваа намена, локалната самоуправа од својот Буџет обезбеди 1.750.000 денари. Општината обезбеди и граѓанско учество при реализацијата на овој проект. Имено, карпошани преку мобилната апликација „мЗаедница“ доставуваа свои предлози за изведувачи, уметници кои би настапиле на овој културен настан, се наведува во соопштението.

Советот на Карпош ја усвои и Предлог – Одлуката за поставување на мобилни библиотеки низ маалските паркови на територија на Општината. За реализација на оваа програмска активност, локалната самоуправа резервираше 100.000 денари, а целта е да се поттикнат граѓаните да создадат навика за читање.

Советниците од Карпош дадоа поддршка и за петте точки од областа на урбанизмот и развој на Општината, кои се најдоа на денешниот дневен ред на седницата.

Станува збор за Одлуката со која општина Карпош воспоставува меѓуопштинска соработка со Град Скопје, за изградба на улиците С5 – ул.„1688“ и дел од С2 ул.„Втора Македонска Бригада“ (во близина на касарната „Илинден“). Проценетата вредност за реализација на овој инфраструктурен зафат,изнесува 93.187.730 денари (со вклучен ДДВ).

Општина Карпош информира дека во остварувањето на оваа соработка ќе учествуваат со средства во износ од 73.187.730 денари со вклучен ДДВ.

-Финансиската конструкција е обезбедена од Буџетот на локалната самоуправа за 2021, 2022 и 2023 година, врз основа на План програми за развој на Општина Карпош.Градот Скопје пак, ќе спроведе целосна експропријација и делумно ќе ја изврши изградбата на овие улици во Карпош, со средства во износ од 20.000.000 денари (со вклучен ДДВ), обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2021, 2022 и 2023 година, појаснуваат од општината.

Додаваат дека советниците дале „зелено светло“ и за измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЦС 15 – Криви Дол, блок 1, со вкупна површина на планскиот опфат од 1.07 хектари. Според дополнувањето, се предвидува дел од градежното земјиште да биде наменето за (Г4) – стоваришта и (Б5) – угостителско-туристички комплекс.

Со истата динамика биле усвоени и Предлог-одлуката за утврдување на Нацрт- Детален урбанистички план за Градска Четврт З 04, Блок 5, предлог-Одлуката, со која се утврдува начинот на применување на минимален процент на зеленило, во градежните парцели во деталните урбанистички планови воедно советот ја прифатил и донацијата од „СПОРТС МЕНАЏМЕНТ КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ“, во вредност од 1.537.500 денари. Станува збор за донација во вид на изработка на основен проект со сите фази, за реконструкција на спортската сала „Партизан“, со вклучен позитивен извештај за ревизија на проектот. свс/ац/

Таг
Back to top button
Close
Close