Дописници МКДОпштински вести

Општина Гостивар ќе воведува ред за поставување на реклами низ градот

Гостиварската локална власт планира да воведе ред во поставувањето на рекламни паноа низ градот со утврдување на правилата за нивно поставување и нивната бројка.

Гостивар, 28 јануари 2020 (МИА) – Гостиварската локална власт планира да воведе ред во поставувањето рекламни паноа низ градот со утврдување на правилата за нивно поставување и нивната бројка. Доколку предлог програмата биде прифатена, во иднина во две зони ќе има локации за 180 билборди.

Програмата која се предлага и ќе се најде наредната седница на советот на општина, ги определува зоните и прецизно ги дефинира локациите за поставување на рекламните паноа на јавни површини за чие одржување е надлежна Општина Гостивар.

-Првата зона го опфаќа таканаречениот „мал ринг“ во границите на булеварите Гоце Делчев, Браќа Ѓиноски, ул. Беличица , ул. Кеј Братство Единство и ул. М.Ч. Филипоски. Втората зона е во таканаречениот „голем ринг“ во кој се опфатени: ул. Седек Костоски, ул. Кеј Вардар, ул. ЈНА, ул Сретко Крстески и ул. 101. Во овие две зони предвидени 180 локации за рекламни паноа на јавните површини, односно 120 во првата и 60 локации во втората зона”, информираат од Општина Гостивар.

Според предложената програма, на овие локации треба да се поставуваат три типа на рекламните паноа: билборд (мегалајт), осветлена рекламна витрина (ситилајт) и ЛЦД панел.

Добивањето на локациите според предложената програма ќе се одвива со отворање на постапка за добивање на локации за поставување на рекламни паноа. Користењето на рекламните паноа треба да биде според утврдени правила и ќе се доделуваат во четири пакети по пат на јавен оглас за прибирање на писмени понуди, а за најповолна ќе се смета понудата со највисок износ на еднократниот надомест. згм/оџ/

Back to top button
Close
Close