Дописници МКДОпштински вести

Општина Битола промовира ново идејно решение за северниот влез во градот

Општина Битола го промовира новото идејно решение кое ќе биде реализирано на кружниот тек на влезот во градот од страната на градот Прилеп. Станува збор за проектот „Ракување“ кој според стручна комисија е одржлив и изводлив, содржи пораки и на преден план го става културниот идентитет на градот.

Битола, 7 февруари 2020 (МИА) – Општина Битола го промовира новото идејно решение кое ќе биде реализирано на кружниот тек на влезот во градот од страната на градот Прилеп. Станува збор за проектот „Ракување“ кој според стручна комисија е одржлив и изводлив, содржи пораки и на преден план го става културниот идентитет на градот.

-Младите треба да имаат шанса за да ги реализираат своите идеи во местото каде што живеат и затоа објавивме и реализиравме јавен повик со наслов „Кругот на јарболите“ за да добиеме идејно решение за тоа како треба да изгледа влезот во градот кај кружниот тек од страната на градот Прилеп. На повикот со свои решенија се пријавија пет апликанти и слободно ќе речам сите пет решенија се креативни, инвентивни, убави на свој начин. Вредноста на оваа активност е содржана во можноста граѓаните да се вложат и внесат со идеи за тоа како треба да изгледа нивниот град, и да се даде можност на младешката креативност да биде материјализирана. Наградената идеја ќе биде реализирана и кружниот тек ќе добие нов лик, истакна Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Автори на идејниот проект „Ракување“ се Мила Рориќ и Дејан Томски кои појаснија дека локацијата Круг на јарболите во Битола треба да биде место од каде се испраќа пријателски поздрав до секој посетител на градот.

-Јарболите ќе бидат поставени како две елипси кои воедно претставуваат стилизирани раце што се поздравуваат. Со ритмичкото повторување на вертикални елементи се добива транспратентна структура која во одредени точки се издигнува и се спушта како асоцијација на планинското опкружување на нашиот град. Кружниот тек ќе биде осветлен, ќе има декоративни фонтани и ќе биде поставена пишувана порака „Добредојдовте во Битола“. Со реализицијата на ова решение ќе се добие една естетска урбана поента за секој посетител, и ќе се афирмира едно автентично облежје на Битола, градот на конзулите, истакнаа авторите Рориќ и Томски.

Општина Битола додели награда во висина од 60.000 денари за избраното решение, а награди добија и другите учесници на јавниот повик чии идејни решенија може да бидат замени предвид при урбанистичко уредување на други градски локации, беше посочено на денешниот промотивен настан. мт/вј/

 

Back to top button
Close
Close